Дел Потро има уште два рекети

Освојувачот на Отвореното првенство на САД од 2009-та година, Аргентинецот Хуан Мартин Дел Потро има сериозни проблеми со опремата. Му останаа само уште два тениски рекети во екот на Гренд слем турнирот во Австралија.

Хуан Мартин Дел Потро имаше успешен старт на Отвореното првенство на Австралија. Во првото коло од првиот Гренд слем турнир во Австралија, Аргентинецот го победи Американецот Рајн Вилијамс со 3:1 во сетови.

Но не се одвиваат сите работи како што посакува петтиот носител на АО. Аргентинецот има голем проблем со опремата. Му останаа само уште два од омилените Вилсон K-Factor рекети.

Дел Потро пробувал повеќе различни рекети пред почетокот на сезоната и слично како и Роџер Федерер и тој имаше проблеми за да се навикне на промена.

„Бев блиску до промена, но не се чуствувам 100% спремен во моментов. Видовте што му се случи на Федерер минатата година. Тој се обиде да го промени рекетот, но ја загуби самодовербата", изјави Дел Потро.

Роџер Федерер е еден од тенисерите кои неодамна го сменија рекетот. Швајцарецот сега го користи новиот Pro Staff 90, па Дел Потро се пошегува дека можеби на Федерер му останале неколку рекети од стариот K Factor модел, па ќе му ги позајми.

14 јануари 2014 - 09:43