Старата скопска приказна РК Пролет

Во населбата Пролет во центарот на Скопје која изобилувала со многу маалски спортски дружби изразени преку фудбал, кошарка и пинг-понг, меѓу „пролетовата" младина се родиле и талентирани ракометари и ентузијасти од кои потекнува еден од најстарите македонски ракометни клубови.

РК Пролет е оформен во 1962 година, а преку историските записи на авторот Стефанчо Коруновски кој е поранешен нивни голман, како и автентичните црно-бели фотографии ќе ви прикажеме дел од историјатот на скопската ракометна екипа која опстојува веќе половина век.

Меѓу најзаслужните кои ги удриле темелите на ракометот во населбата Пролет се Гоце Стефановски кој сето свое слободно време му го посветил на РК Пролет, Вангел Коловски кој им всадил љубов на своите ученици кон овој спорт и Владо Миљовски – Брле кој им ги покажал тајните на ракометот.

Во старата скопска населба во 60-те години постоела ракометна селекција, а дел од младинците кои членувале се: Владио Миљовски – Брле, Дуле Јордановски – Чиче, Мичо Симоновски, Димче Перчинков – Перчин, Ловро Палиќ, Станимир Младеновиќ – Чвор, Владимир Костовски – Коста и Апостол Пандиловски – Апче.

Овие млади талентирани спортисти заедно со Ѓорги Коробар – Чиче, Перо Георгиевски, Мице Јордановски, Ристо Перчинков, Гоце Стефановски, Киро Симоновски и Вангел Коловски се најзаслужните за формирањето на РК Пролет.

Првата генерација на ракометари облекле дресови во црна и сино-бела комбинација, а ги обезбедил Ѓорги Коробар – Чиче, додека амблемот на РК Пролет е дело на голманот Владимир Костовски – Коска.

Финансиски потмогнат од населбата и градот, еден од најстарите ракометни клубови во Македонија својата историја ја започнува на игралиштето „црвеница" во дворот на ОУ „11 Октомври".

Во Културниот дом „Пролет" секоја сабота се организирале игранки, а во неделите матинеа. Собраните пари од овие дружби типични за тоа време се користеле за потребите на клубот, а тоа било само еден од начините на кој почнал да се финансира РК Пролет.

Првата сезона во 1962 година тимот ја минал во Скопската зона, а потоа стигнал и до Републичката лига каде по осум години стигнува до одлично трето место. Од тогаш клубот со помош на прославениот Славе Атанасовски - Чаве напредува во игрите, но и добива голема поддршка од публиката која грмеше во преполнетата сала „11 Октомври".

Со пласманот во Втората сојузна лига РК Пролет го постигнува и својот најголем успех, а пласманот го завршува на петтата позиција веднаш зад Партизан, Железничар, Пик Апатин и Потисје.

По двата порази во финалињата од Купот на СФРЈ за територија на Македонија во 1972 и 1975 година од Тиквеш и Вардар, ракометарите на Пролет го подигнаа првиот пехар на финалниот меч од Купот против Овче Поле во Свети Николе.

Во тоа време тројца талентирани момчиња биле повикани за младинската ракометна репрезентација на Македонија, а тоа се Илија Темелковски, Стефанчо Коруновски и Мирослав Трајковски кои учествувале на младинско првенство во Нови Сад.

Таму највпечатлив со своите игри бил Илија Темелковски – Икиќ кој го заработил дресот на Младинската репрезентација на Југославија. Како една од легендите и еден од најперспективните играчи на РК Пролет, Темелковски изградил меѓународна кариера.

Тој бил еден од најзаслужните за најголемиот успех на Железничар од Ниш кој стигнал до финале во Европскиот Куп, а по настапите во Работнички и Вардар заминал во Италија каде станал член на екипата на Милано од Бресаноне. На Темелковски РК Пролет му е неразделна љубов и денеска каде веќе долго време е тренер.

Зад секој успешен спортски колектив стојат и верни навивачи, а дел од најзаслужните за создавањето на навивачката атмосфера кои дишеле со екипата се Наум - Турко, Сашо – Зец, Слободан – Мајстор, Иван – Пијаниот, Боро – Дебелиот, Петре – Чиче, Михајло, Димче и Ѓоко – Џоле.

13 декември 2013 - 15:48