Пораз на Македонија од Грција

По не баш убедливата игра против Турција во Битола, македонските ракометари вечерва го претрпеа можеби најтешкиот пораз откако играме квалификации против далеку послабо рангирана репрезентација. Грција - Македонија 28-26.

Стартот на дуелот кој се играше во Кожани без гледачи со купени карти во слободна продажба, туку со неколку стотини гости на двете федерации, наговести лесен триумф на Македонија.

Поведовме брзо со 1-5 и работите одеа добро.

Митревски, кој на голот го замени Борко Ристовски бранеше одлично но техничките грешки на неговите соиграчи во нападот ѝ дадоа надеж на Грција дека резултатски ќе може да се носи со апсолутниот фаворит.

Милонас и Малиос брзо ги решаваа нападите на Грција која на средината од првиот дел израмни 8-8 и од тој момент започна неочекуваната резултатска „клацкалица“.

Филип Талески буквално во последна секунда од првите 30 минути постигна убав гол за водство на Македонија 12-13.

По петнаесетина минути игра во вториот дел Македонија водеше со гол предност најмногу благодарение на Талески а капитенот Лазаров зголеми на 19-20 но нашите ракометари никако не успеваа да се одлепат.

Во последните десет минути, Раул Гонзалес се обиде со неколку ротации да ги размрда летаргничните избраници но со голот на Цирас Грција се одлепи на највисоки два гола предност (25-23).

Во следните неколку напади, кога „се кршеа“ копјата, Цилимпарис му одбрани на Лазаров, Грците не го реализираа својот напад а Никола Маркоски намали на 25-24. Следуваше драма во која Прибак погреши а Цирас од седмерец го постави конечниот резултат и победата на Грција.

Најефикасен кај нашата репрезентација беше Лазаров со седум гола, Талески беше исто одличен со шест, Манаскова даде четири. Кај Грците, а и играч на мечот беше Малиос со осум погодоци, Милонас постигна шест а голем удел во триумфот имаше и Цилимпарис со дури 15 одрбани.

Во следното коло од квалификациите за Европското 2020, во април, Македонија му гостува на Исланд. Грција ја забележа првата победа во групата по дебаклот од 14 гола разлика од Исланд во претходното коло. Во другиот меч од групата, Исланд откако ја декласираше Грција, денеска со 11 голови ја прегази и Турција (33-22). Овие страшни резултати на Исланд најавуваат тешко гостување за нашите ракометари во Рејкјавик.

Со овој срамен пораз Македонјија е на второто место во групата со два бода, колку што има и Грција/ Исланд е прв со четири. На ЕП се пласираат првите две екипи и најдобрите четири третопласирани од осумте групи.

Фото. Гол.мк