Извлечена ждрепката за Светско во ракомет, Македонија во силна група

Денес напладне во Копенхаген беше извлечена ждрепката за ракометниот Мундијал кој се игра во Данска и Германија следната година.

Пеколно тешка група им се падна на нашите најдобри ракометари кои во Минхен ќе играат на Светското организирано од две земји-домаќини.

Македонија се најде во групата Б која ќе се игра во центарот на Баварија против: Шпанија, Хрватска, Исланд, Бахреин и Јапонија.

Добра околност е што во Минхен најверојатно ќе има многу македонски навивачи кои ќе тргнат и од земјава но и оние кои живеат во странство. Што се однесува до противниците, Хрватска која што ја води стариот лисец Лино Червар веќе беше во групата како привилегирана селекција од вториот шешир.

Како продолжи ждрепката ни падна актуелниот европски шампион Шпанија кој со 11 голови разлика не прегази пред 5 месеци во Вараждин.

Од четвртиот шешир ни се падна Исланд, земја која има одличен ракомет и со која секогаш имаме тешка борба. До крајот ни паднаа две селекции од азискиот континент, вицешампионот Бахреин и Јапонија која ќе учествува на Светското по вајлд-картата која ја доби.

Според стандардната процедура, првите три репрезентации од секоја група ќе одат во следна фаза во која ќе се формираат две нови групи со по шест селекции. Во случај да се избориме за пласман во таа фаза, таму ќе се судриме со групата А во која фаворит број еден е непобедливата Франција.

ГРУПА А (Берлин „Мерцедес Бенц Арена“): Франција, Русија, Германија, Србија, Бразил, Кореја

ГРУПА Б (Минхен „Олимпијахале“): Шпанија, Хрватска, Македонија, Исланд, Бахреин, Јапонија

ГРУПА Ц (Хернинг „Јуске Банк Боксен Арена“): Данска, Норвешка, Австрија, Тунис, Чиле, С. Арабија

ГРУПА Д (Копенхаген „Ројал Арена“): Шведска, Унгарија, Катар, Аргентина, Египет, Ангола