Анегдотата на Вујо мајсторе кога играл за Барса

Веселин Вујовиќ е прочуено ракометно тренерско име кое во Македонија најмногу го знаеме по две нешта: темпераментот и нераскинливата врска со Комити. Во него има и уште нешто будалесто, за кое и самиот е свесен.

Црногорскиот стратег ја има градено кариерата во четири екипи: Ловќен Цетиње, Металопластика Шабац, Барселона и Гранолерс. Значи во родната Црна Гора, Србија, па Шпанија.

Богат е со трофеи и тоа пребогат, а анегдотите и откачените моменти со него не се само од сега како тренер. Пазете го овој муабет меѓу него и клупскиот доктор на Барселона каде настапувал од 1988-ма до 1993-та година.

„Додека играв за Барселона се повредив на еден меч и од докторот побарам да ми даде инјекција. Ме праша зошто? Му одговорив: За да го продолжам натпреварот.

Потоа ми искоментира: Па ти не си нормален, а јас му одговорив на тоа: Знам дека не сум нормален.

Ете тоа е Вујо, човекот кој ако не сте знаеле има освоено 29 клупски трофеи за 17 години кариера. Двократен европски првак е со Металопластика, како и европски првак со Барселона.

И не само тоа. Во неговата трофејна кариера не може, а да не се споменат и шесте освоени медали со Југославија од кои издвојуваме три златни: Олимписки шампион во Лос Анџелес 1984, Светски шампион во Швајцарија 1986 и освојувач на Медитеранските игри во Казабланка 1993.

Веселин Вујовиќ е легенда, ама пред се играчка, кој остана најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата на Југославија со 738 голови. Во 1986-та година бил прогласен за спортист на годината во Југославија, а две години подоцна и најдобар ракометар во светот според ИХФ.

6 декември 2018 - 16:30