Навивачите на Наполи сакаат да ја прават балканската

Кога викаме балканската мислиме на фрлањето бакљи во терен од страна на Хрватите со цел нивниот сојуз да биде парично казнет, или мајмунлаците на српските хулигани во Џенова кога сечеа ограда и фрлаа топовски удари за нивната федерација да го крка од УЕФА.

Проблемите во Неапол на релација навивачи-Де Лаурентис-градоначалник продолжуваат. Откако Аурелио Де Лаурентис, претседателот на Наполи ги разгневи тифозите со изјавата дека ќе ги пресели натпреварите од Лига на шампиони во Бари (околу 280 километри оддалечен од Неапол), овие не останаа покуси.

Неаполскиот весник Il Mattino на својот сајт утрово објави дека во градот кружат информации дека најжестоките ултраси на Наполи, револтирани од тоа што претседателот Де Лаурентис, поточно неговиот син Луиџи го купил клубот Бари а се шпекулира и дека го меркаат сплитски Хајдук, решиле да му се одмаздат.

Нивната намера е да испровоцираат казна од УЕФА уште на првиот натпревар од групната фаза (против Ливерпул на 3 октомври на „Сан Паоло) со тоа што ќе фрлаат факели и топовски удари на теренот. Клубот од градот под Везув веќе е под условна казна од УЕФА, така што сериозни инциденти само дополнително „би ја турнале“ раката на дисциплинците од Нион да го суспендираат стадионот „Сан Паоло“.

Парола против претседателот на клубот на улиците на Неапол: „АДЛ, не само Бари, купи и други клубови, само оди си од нашиот град!“

За многумина нелогична и бесмислена намера, но не и невидена. Барем не на овие простори каде навивачите се борат против своите неистомисленици од сојузите на идентичен начин. Хрватските хулигани во намера да го свртат вниманието на јавноста кон работењето на сојузот, фрлаа бакљи на терен на Европското првенство 2016 во Франција на мечот Хрватска - Чешка.

Слични, дури и пожестоки инциденти направија српските хулигани за време на еден квалификациски меч меѓу Италија и Србија во Џенова. Намерата на овие „протести“ е управата или претседателот на клуб или фудбалска федерација да останат „покуси“ во заработката од карти и слично. Но на тој начин најмногу страда клубот во кого толку се колнат, така што намерата им е беспредметна.