Емотивна приказна за синот и таткото навивачи

Некои знаат да речат дека фудбалот е само игра, а оние што воопшто не пратат велат дека 22-ца будали трчале по една топка. Но од оваа “игра“ произлегуваат стории кои допираат длабоко во срцето. За жал има и многу тажни.

Густо Санчез е 70 годишен господин и долгогодишен навивач на уругвајскиот прволигаш Серо Ларго.

Кога му се родил синот Николас, веднаш почнал да го носи на стадион за да го зарази и во иднина да одат заедно.

Но додека Николас растел почнал да се заљубува во друг клуб кој се вика Рампла Јуниорс. А Серо и Рампла го имаат едно од најголемите ривалства во уругвајскиот фудбал.

Во 2016-та година на Густо му заѕвонел телефонот, а веста била страшна. Николас загинал во сообраќајна несреќа додека се враќал од стадион бодрејќи ја Рампла.

Од тогаш Густо оди на секој натпревар на Рампла и седи на местото каде секогаш присуствувал Николас. Се појавува со знаме како сеќавање на неговиот син.

„Мојата крв секогаш ќе тече за Серо се додека не умрам, но срцето ќе ми биде за Рампла како сеќавање за Николас“, рече Густо.

Оваа сторија е една од трите номинирани во награда на ФИФА за навивач на годината. Фудбалот е далеку од само една обична игра.

6 септември 2019 - 15:37