Јунаците на Сакраменто за кои останувавме будни

Биби, Вебер, Дивац, Даг Кристи, Стојаковиќ, Хидо Туркоглу, Скот Поларт, Боби Џексон против Коби, Рик Фокс, Шекил, Дерек Фишер и Роберт Хори. Каков мегдан беше тој поради кој се каснеше на работа, во школо, на факултет.

Многу од нас таа 2002 ја изгубија спортската невиност. Некои местеа аларм да ги буди, некои се прозеваа до 3 после полноќ, а некои пиеја по две кафиња да им ги држи отворени очните капаци.

Се играше финалната серија во Западната конференција меѓу Сакраменто Кингс и шампионот ЛА Лејкерс.

Кингси во регуларниот дел од сезоната имаа 61 победа и 21 пораз - за три победи подобар учинок од Лејкерс на Пацификот и сходно на тоа предност домашен терен.

На 18 мај 2002 во АРКО Арената (се сеќавате) пред 17.317 гледачи се одигра првиот меч. Предводени од Коби Брајант кој постигна 30 поени со 6 скока и 5 асистенции и Шекил Онил коиј имаше 26 поени и 9 скока, гостите од Лос Анџелес славеа тесно 106:99. 28-те поени и 6 асистенции на неверојатниот Крис Вебер и 19-те на Мајк Биби не беа доволни и Лејкерс поведе 0-1.

„Меѓу натпреварите во таа серија не спиев многу. Изгубив килажа, стресот беше многу голем, не чуствував задоволство“, се сеќава Рик Фокс на најголемото НБА ривалство во последните неколку децении.

„Кралевите“ не чекаа многу и возвратија на вториот меч. Четворица играчи имаа двоцифрен број на поени (Вебер 21, Биби 20, Дивац 15 со 14 скока, Кристи 13) и Сакраменто кој во еден момент имаше 27 поени разлика на крајот славеше 96:90. Шек на тој меч постигна 35 поени со 12 скока но не можеше сам.

Пресврт Сакраменто направи на третиот меч кој го доби 103:90 после голема борба. Вебер уфрли 26 поени, Мајк Биби 24, Даг Кристи 17, Дивац 11, а Хидо Туркоглу 14.

Во следниот меч домаќинството премина во Лос Анџелес и во „СТЕЈПЛС Центар“ Сакраменто имаше водство од 24 поени разлика но после неколку спорни судиски одлуки Лејкерс славеше со неверојатната тројка на Хори во последната секунда. „Езерциите“ израмнија на 2-2 во серијата.

Петтиот можеби најлуд меч во серијата кој се играше во Сакраменто го добија Кингси 92-91 на крилјата на Вебер и Биби кои дадоа 29 односно 23 поени. Тој меч како и сите други во серијата го одбележа резултатска „клацкалица“ во која екипите наизменично се менуваа во водство .

Првата меч-топка „Кингс“ ја имаа на 31 мај таа 2002-ра година. Откако ги пропушти првите пет меча поради повреда, во составот на Сакраменто се врати Пеџа Стојаковиќ, но не им помогна на соиграчите да ја освојат титулата на Западот.

Во преполниот „Стејплс Центар“ Лејкерс тесно доби три четвртини и во финишот успеа да победи 106:102 и да израмни на 3-3. Тој меч го одбележа Шекил Онил со страшни 41 поен, 17 скока и 1 асистенција.

Денот на одлука, најважниот меч во клупската франшиза Сакраменто Кингс го играше на 2. јуни 2002 во својот дом АРКО Арена во Калифорнија.

На полувремето Кингси имаа водство 54-52 и мечот отиде во голема неизвесност па на крајот заврши 100-100 (Лејкерс имаше три шута во еден напад за победа и сите ги промаши) по што следуваа продолженија. Таму Шекил, Хори и Дерек Фишер погодија по едно слободно фрлање (3/6) а Коби на крајот ја запечати судбината на Сакраменто Кингс, тимот кој сонуваше титула на Западот и пласман во големото финале на НБА.

Легендарниот состав на Сакраменто којшто засекогаш ќе остане запаметен по фантастичните партии таа сезона 2001/2002: Крис Вебер, Мајк Биби, Даг Кристи, Хидо Туркоглу, Владе Дивац, Пеџа Стојаковиќ, Боби Џексон и Скот Полард предводени од тренерот Рик Аделман.