Зошто Спалети не е тренер за менталитетот на Јувентус

За разлика од другите италијански „гранди“, Јувентус манијакално го брка скудетото и ретко кога има право на грешка. Затоа прави најтесен круг од кандидати за нов тренер кои се разгледуваат со месеци. Ниту Дел Нери, Чиро Ферара и Раниери не беа залудно таму.

По испаѓањето на Рома од Лига Европа цела фудбалска Италија ја разгледува иднината на Лучано Спалети.

Се чини ништо необично, Спалети ќе добие отказ или самиот ќе замине. Но што потоа? Некои тврдат дека до пензионирање ќе работи во Кина, а дека во Милан, Сампдорија или Емполи би му било досадно. Но што кога во целата приказна се вмешува шампионот Јувентус?

По трет пат во животот Лучано Спалети е близу потпис со „Бјанконерите“, првпат неговата кандидатура се разгледуваше во летото 2009 но тогаш решавачки бил гласот на Марчело Липи кој гласал за неговиот фаворит Чиро Ферара.

Точно две години подоцна, генералниот директор на Јуве сакаше да го донесе Спалети кој беше тренер на Зенит но после долго колебање се одлучи за Антонио Конте.

Сега се зборува дека Џузепе Марота одново лобира за тосканскиот тренер. А реномираниот спортски уредник и фудбалски експерт Марио Скончерти во петокот изјави дека веќе е потпишан договор меѓу Јуве и Спалети. Во прилог на ова оди и однесувањето на тренерот на Рома кој како да прави сè за да избега од Рим.

Во италијанскиот печат веќе има илјадници статии со аргументи дека Спалети е тоа што му треба на Јувентус. Дури и медиумите кои се непријателски настроени кон Јуве ја спремаат јавноста за одлуките кои веќе биле донесени. Оваа одлука, според некои спортски гласници од Чизмата би ја вратиле „Сињората“ неколку години назад, затоа што така само ќе собира колекција „предавници“ а тоа не е главна цел на шампионот на Италија.

Од друга страна, дури и во најнемирните времиња за Јувентус во времето на Калчополи, раководителите на „Зебрите“ внимателно го стеснуваа изборот за тренер чија што задача би била да изврши одредена мисија.

Скоро манијакалната борба за скудетото понекогаш ги ставаше „бјанконерите“ во неповолна положба во однос на другите италијански „гранди“ кои за себе можеа да си приуштат пауза и да разгледаат повеќе тренери. Јуве како никогаш да нема простор за грешка.

Од таа причина Јувентус после најуспешната берба во историјата ја преспа фудбалската револуција во средината на ’80-те и скоро 10 години не се бореше за голем трофеј. Лекцијата била научена - понекогаш играта во склад со меѓународните стандардни е поважна од местото на табелата.

Не заборавајте како во февруари 1999. година Лучано Моџи го назначи за тренер на Јуве Карло Анчелоти кој до тој момент немаше освоено ништо во кариерата.

Во тие години Карлето уште не беше дебелко кој работи со суперѕвезди. Напротив, беше омилен ученик на Ариго Саки кој се смета за еден од последните револуционери во Италија.

После Анчелоти дојде времето на прагматичниот Липи а потоа и на Капело кои одгледуваа досаден фудбал, но гарантираа освојување на скудетото. 

Целиот товар од Калчополи се натовари врз Јувентус, но идентитетот на „бјанконерите“ остана ист. Раниери на пример имаше задача да го врати Јуве во зоната на Лига на шампиони и кога го исполни тоа веднаш го отстранија.

Во Чиро Ферара видоа втор Липи, а Дел Нери во еден момент беше нов гуру којшто ја врати во живот формацијата 4-4-2. Јуве ангажираше некои тренери за разултат, а други за иновација.

Фудбалски Конте скоро и да немаше ништо италијански. Не случајно во негово време во Торино имало анегдота дека дома со жена му зборува холандски.

Антонио Конте го смени ДНК-то на клубот, го врати на врвот на Серија А, но Јуве во 2014-та немаше ресурси и натаму да ја го развива calcio verticale (вертикален фудбал).

Наследникот на Конте - Масимилијано Алегри не случајно е наречен најевропскиот од сите италијански тренери. Неговата мисија беше во тоа да воспостави рамнотежа во играта и да го усогласи нивото на резултати од првенство во Лига на шампиони.

Алегри одби да користи апсолутен автоматизам во позициониот напад, разумно го користи пресингот, имплементираше треквартиста (полушпиц), а го користи и модулот со четворица позади.

Но во новата историја на Јувентус, Конте е Петар I а Макс Алегри е Екатерина II. Импулсивниот Антонио рогаше шишиња и влечеше помошници, а Масимилијано спокојно се одлучува за фаворитите и немаше конфликти со групата (освен неодамнешниот со Лео Бонучи). Не залудно Алегри е прв пик на многу англиски клубови но и на Барселона која летово ќе добие нов стратег место Луис Енрике.

Така настана Евро-Јуве, но и ден денес екипата е во вториот ешалон на најсилните европски клубови. Дали е ова крајниот сон на наследникот на Џани Ањели? За поголем напредок потребна е нова фигура. Им треба прагматичен тренер кој не е колекционер на досадните скудета и кој ќе може да го седне Игуаин на клупа. Дали Диего Симеоне е таков?

На Јуве му треба иноватор кој ќе смисли како да го намали јазот меѓу Јуве и клубовите како Барселона и Баерн. Во последно време за таков се сметаше Пауло Соуза кој има јувентинска душа со тотална контрола на топка и супер ја водеше одличната Фиорентина која што ги изненади сите минатата есен. 

Може долго да се спорат предносите и мааните на Португалецот но Лучано Спалети во моментов совршено не одговара за оваа улога, пишуваат италијанските медиуми.

Пред се затоа што е евро-губитник (треба ли да го споменуваме легендарниот дебакл на Рома од Манчестер Јунајтед 7:1)? Во август лани Спалети не можеше да го пројде Порто и да ја внесе Рома во групната фаза од Лигата на шампионите што ја чинеше Рома минимум 60 милиони евра!

Неодамна против Лион Спалети направи неколку фатални грешки кои сами го потврдија сомнежот во неговите квалификации. Со него Јуве тешко дека би можел да стигне до полуфинале на Лига на шампиони. Најглупавиот аргумент во полза на тренерот на Рома е - во Торино тој ќе биде под надзор на Недвед, Марота и Паратичи а во Рим долго беше без надзор од претседателот кој живее во Бостон. Наводно тоа го спречило Лучано потполно да се реализира во Рома.