Приказна за фудбалскиот пат на Џанлуиџи Буфон

Зошто е Џиџи поголем отколку што мислиме

Секој голман знае дека прв услов да станеш голман е да знаеш добро да паѓаш. Малиот Џиџи научил рефлексно да се фрла и да паѓа зимно време на снег во куќата на чичко му, а на лето постарите сестри го терале да трча со врзани раце по плажа каде ги дерел колената.

Голем навивач уште од детството

Вечерта на 9. октомври 1995 играл со репрезентацијата во Минск, а утрото на 10. октомври брзал во Ферара, на меч од Серија Ц1 меѓу СПАЛ и Карарезе. Во Минск одбранил силен шут на Василиј Баранов, а во Ферара преку оградата го раширил знамето Commando Ultrà Indian Trips, навивачката група на Карарезе, клуб кој на крајот од ’80-те години го тренирал Марчело Липи.

Шест месеци претходно, Џиџи Буфон во Москва на „Лужники“ го освои Купот на УЕФА, а новинарите од весникот Guerin Sportivo го прогласија за најдобар млад играч во Европа. Дино Ѕоф го направи Буфон прв голман на репрезентацијата, а во исто време тој скокал со толпата ултраси на Карарезе. Неретко и патувал со автобус на гостувањата.

Џиџи често излегувал од интернатот на Парма, без пари, во црна кожна јакна и фармерки а знамето на Карарезе го ставал во ранецот за да не може да го украдат противничките тифози. На гостувањето во Ферара стигнал заклучен во тоалетот од возот, лутал барајќи го стадионот и на крајот се нашол пред противничката трибина но на време избегал.

За Карарезе Џиџи жртвувал сè што имал, не одел на факултет и сите пари што ги имал ги давал за групата. Тоа е неговиот роден тим, Џанлуиџи е роден во Караре. Во 2010. година Карарезе испаднал во аматерската лига, а Буфон купил 20% од акциите во клубот. Во следните две години вложил 600.000 евра и клубот брзо се вивнал во третата лига.

Долгите зими во местото Пертегада

Адриано Буфон и Маријастела Маѕоко настапувале за репрезентацијата на Италија во лесна атлетика. Се запознале на тренинзите во куглање. По извесно време забавување, се венчале. По бракот добиле деца, а третото го крстиле Џанлуиџи.

Зимно време го праќале малиот Џиџи кај чичко му Џани и тетка му Марија во градот Пертегада каде со часови играл во снегот а потоа додека му се сушела облеката на печката, тој кркал болоњски колбас и мармелад од подрумот на тетка му.

Летно време постарите сестри со пријателите го малтретирале на плажа - му ги врзувале рацете зад грб и морал да трча препреки. Во Пертегада Џиџи научил да се носи со студот, а на плажа учел како да паѓа на песокта.

Дебито за Италија

Тоа многу му се најде на Џиџи на 29. октомври 1997 година на стадионот на Динамо Москва, во баражот за Светско против Русија: Перуци беше повреден, па на голот застана неговата замена Џанлука Паљука. Но во 30’ минута од мечот по еден тежок дуел со Андреј Канчелскис, Паљука се повредил, по што селекторот Чезаре Малдини се свртел кон Џиџи и му викнал: „Загревај се!“.

Буфон тогаш имал 19 години и никогаш не играл за репрезентацијата, а сега наеднаш се тресел од трема: „Не можев да дишам и мечтаев да ме закопаат под клупата да се скријам некаде“, раскажа Џиџи во интервјуто за Паоло Бандини од The Guardian.

Неколку минути подоцна, Чезаре Малдини дознал од лекарот дека Паљука не може да го продолжи мечот и се свртел кон Буфон: „Уште не се загреваш? -Сега мистер“, му одговорил 19-годишниот Буфон, го фрлил ќебето и по шорцеви истрчал на снег и дожд.

Во првите три минути откако влегол во игра, Буфон веќе имал неколку одбрани. Шутот на Аленичев од 10 метри го одбранил со левата рака после што Канаваро го бодрел удирајќи го по градите: „Браво Џиџи, браво!“.

Само што почнало второто полувреме, најпрвин Виери дал гол во 49’ минута но радоста траела само три минути затоа што Канаваро си дал автогол.

На Светското 1998 година, Буфон стигна како трет голман. Тоа го налутило и после мечот со Камерун на тренинг не сакал да се фрла и да брани. „Фрлај сè, што стоиш“, урлал Чезаре Малдини. -Не сакам! ’Тогаш излегувај’.

Малдини бил во шок. Тој уште не ја знаел природата на Буфон. Во летото 1994. година тренерот на Парма, Невио Скала го викнал 16-годишниот Џиџи на припреми на екипата (првиот голман Бучи се повлекол по Светското во САД). Скала скоро да се покајал за одлуката: Џиџи се закачал со ветеранот Миноти и со 26-годишниот шеф на Парма Стефано Танци, син на газдата на компанијата Пармалат.

Лоренцо Буфон, прв братучед на дедо му на Џиџи Буфон. Бранел за Милан и Интер

Проблематичен тинејџер во Парма

Година дена подоцна, Буфон ги прекршил сите забрани на тренерот Скала - возел кола за голфери на тренингот, јадел сладолед за време на екскурзијата на водопадите на Ниагара и добил толку казни што останал без плата до крајот на годината.

После три месеци Џиџи уживал во едне ресторан со две девојки и некој другар од младинците на Парма. По ручекот излегле на улица, на Џиџи му се одело во тоалет, но не се вратил назад во ресторанот туку почнал да моча на колата на другар му. Во еден момент наишол полицаец: „Што правиш ти? -Па нели гледаш што правам?“, дрско му одговорил Џиџи.

„Буфон, ти стигна казна“, му кажал сабајлето директорот на Парма Пасторело. „Мене ми стигна? Ништо не сум направил“, се побунил Џиџи кој не се сеќавал на вчерашниот настан.

„Непристојно однесување на јавно место и отпор при приведување. Брзо оди во полиција и извини се“. Во спротивно Џиџи ќе добиел нова казна, ќе го прателе во пониска лига и ќе се збогувал со кариерата.

Но после шест дена дебитирал во Серија А. На мечот против Милан каде во ’60-те години се прославил Лоренцо Буфон, братучед на неговиот дедо. Откако бил повреден првиот голман на Парма Бучи, тренерот Невио Скала се одлучил наместо вториот голман Ниста да му даде шанса на Џиџи Буфон. Џовани Гали, пак, третиот голман месец дена претходно се скарал со Невио Скала кој не го пуштил да брани на средба од Купот и заминал во Лукезе.

На големото дерби против Милан, тогаш голот на лидерот Парма морал да го чува тешкиот тинејџер кој бегал од часови, купил диплома од сметководство со надеж дека ќе се запише на Правен факултет.

На патот до стадионот „Енио Тардини“ Буфон задремал во автобусот и кога излегол на тренинг мислел дека уште сонува: Пред него Паоло Малдини кој му посакал среќа. Истиот оној Паоло чија сликичка Џиџи ја лепел во албумот Panini пред Светското ’90-та. Џиџи не примил гол од шампионот Милан чиј напад го водеа најдобриот играч на светот Џорџ Веа заедно со Роберто Баџо и Марко Симоне.

Но после пола месец, кога се вратиле Бучи и Нисто, Џиџи пак го седнале на клупата и имал повеќе слободно време за дискотеките.

„Еднаш еден лик ми стави во уста таблета, но ја извадив и му ја фрлив во лице. После три години тој дечко умре од предозирање“, напишал Џиџи Буфон во својата автобиографија „Нумеро Уно“ (Број еден).

Џиџи брзо го фатила носталгија и побарал од газдата Стефано Танци да го прати на позајмица во Џенова. Покрај Карарезе, родниот клуб на Буфон, Џиџи како млад многу ја сакал и Џенова за која навивал и го заразил вујко му Џампјеро.

„Те молам, среди ми поради мене лично“, барал Џиџи од Танци кој го одобрил трансферот, но Парма паднала на 11. место и новиот директор Сољано го убедил голманот да остане. Наскоро новиот тренер Анчелоти го вратил во првиот тим. После осум меча без победа, Парма го победи Милан на „Сан Сиро“ и за три месеци се искачила од 14. место на втората позиција.

На „Сан Сиро“ Џиџи Буфон првпат дошол на 11 години. Тогаш играл во средината на јуниорите на Парма заедно со уште едно дете од Караре, Кристијано Ѕанети со кого учествувале на детски турнир против Интер и Верона.

Во серијата пенали Џиџи ја погодил пречката а една година подоцна станал голман инспириран од необичниот Камерунец Тома Н’Коно кој бранел на Светското во Италија за Камерун. Во негова чест Џиџи го нарекол првиот син.

Тома Н’Коно на сред игра правел салта, а комично ја боксувал топката над 70 метри по центаршутите од корнер.

Буфон го следел Н’Коно уште од 1987. година кога го видел на мечот Еспањол - Милан во еврокуповите, а во 1990. година по сликичката од Panini сфатил дека на Камерунецот во краткиот дрес „му било студено“ па затоа очајно навивал за Камерун како и за Италија.

Истото лето Буфон се преместил на голаот и веќе во првите девет месеци со тимот Бонаскуола стигнал до финалето на регионалниот шампионат, ги заинтересирал Болоња, Милан и Парма. Со Милан не се договориле неговите, а на пробата во Болоња, тренерот Пјеро Персико изјавил:

„Ако бидеш бар половина добар како што е ова дете, ќе станеш добар голман“. Тоа дете бил 18-годишниот Марко Пилато. Тој стигнал до сениорите на Болоња каде примил 22 гола на 8 меча и брзо завршил со фудбалот, добил работа во фирма кај тетка му и почнал да игра напаѓач во аматерска лига.

Буфон за тоа време во Парма веќе стигнал до финалето на младинското Европско првенство 1993. година. Во дуелите од нокаут фазата против Шпанија и Чешка, Џиџи не само што бранел пенали туку и му бил соиграч на Франческо Тоти - детето на една од најдобрите екипи во Серија А.

Другарството со Симоне Бароне од младоста

По одличното деби во Парма, Буфон побарал од директорот Пасторело 600.000 лири за нов мотор - тоа бил единствен начин да не касни на тренинг. Во декември 1996. година Буфон доброволно се понудил да го вози до аеродромот својот другар од младинците на Парма, Симоне Бароне кој првпат бил викнат во првиот тим.

Симоне Бароне и Буфон во репрезентацијата

Авионот со тимот тргнувал во Трст на мечот против Удинезе во 10 сабајле, а Буфон се договорил со Бароне да го земе во 9, но се разбудил дури во 9:35 и се преплашил кога видел пропуштени повици од Бароне.

Авионот веќе се спремал да полета кога на пилотот му пријавиле дека во терминалот има двајца од кои едниот бил во влечки, неисчешлан и поспан. Бароне едвај го погледнал Анчелоти во лице кога Карло му рекол: „Не ти е срам да касниш на првиот меч со прв тим?“

Во Парма Бароне не заиграл и го пратиле во Алцано, Серија Б каде пак го возел Џиџи. На состанокот со новиот претседател на Алцано, Франко Мороти ги викнал новинарите. Кога се паркирале близу канцеларијата на клубот, новинарите го гушкале Мороти и викале: „Неверојатно, сте го купиле Буфон!“

По серија позајмици, Бароне засјае во Кјево и го викнаа во репрезентацијата на Италија. За време на Светското 2006-та, Буфон и Бароне играле пинг-понг навечер во хотелот Landhaus Milser Hotel во Дуизбург. Пред четвртфиналето со Украина играле напорни партии пинг-понг: Бароне победил 10:9 а Буфон со нога удрил еден прозор и го скршил.

Бароне избегал во својата соба, а селекторот Липи дотрчал и што да види: „Кретену! Што ако се исечеше или скршеше нога!? Губи се оттука, губи се!“.

Верен до крај на „Старата Дама“

После половина час кога Липи се повлекол, Буфон и Бароне се симнале на реванш-меч. До финалето во Берлин имало уште неколку дена. Џиџи Буфон ќе остане првиот што го видел ударот на Зидан во градите на Матераци и веднаш го пријавил кај судијата а после победата се онесвестил од радост и исцрпеност.

Во летото 2006-та Буфон добил понуда од Милан, почнале и да му бараат куќа во Милано, но кога дознал дека Јуве го избркале во Серија Б, Џиџи се предомислил и останал.

Не можел да го остави клубот со кој првпат стана шампион, клубот кој му помогнал да ја излечи депресијата по поразот од Милан во финалето на Лигата на шампионите и клубот во кој дошол сосема случајно.

Во летото 2001. година се било решено: Него го викала Барса, но Џиџи ја одбрал Рома која стана шампион после мечот со Парма на Буфон во 2001-ва. На пет минути пред крајот на таа средба илјадници навивачи на Рома влегоа во теренот да ја прослават титулата, а Буфон за кратко остана без шорцеви и дрес. Кога полицијата и тренерот Капело ги бркаа навивачите од теренот, Џиџи го доигра мечот во дрес на Рома.

Додека бил на одмор во Австралија, му се јавил агентот Силвано Мартина: „Парма бара премногу, Рома одбра скромен голман, Иван Пелицоли од Аталанта, но за трансфер сериозен е Јувентус“. Татко му на Џиџи брзо дал согласност за овој премин.

Кога Јуве се врати во Серија А, Џиџи можел за грдни пари да премине во Манчестер Сити, но одново останал, одново станал шампион, одново стигна до финалето на Лигата на шампионите, а минатото лето прослави 15-години од своето доаѓање во Торино.

Минатата година беше уникатна за Буфон. Тој го сруши рекордот во италијанското првенство по серијата без примен гол (974 минути), на Фејсбук објави писмо со лична благодарност до сите соиграчи со којшто ја воодушеви јавноста, во април му фати пенал на Калиниќ со Фиорентина, се приближи до шестото Скудето по ред.

По големиот триумф над Белгија на Европското, Буфон излезе од автобусот и дојде да ги гушне присутните навивачи кои го довикуваа. Минатото лето, во јули капитенот на Италија на одмор на море во местото Марина ди Маса случајно им се приклучил на децата кои играа фудбал и им бранел.

Во септември минатата година на дуелот против Франција прв почна да аплаудира додека навивачите ја исвиркуваа „Марсејезата“, после мечот со Шпанија, во Лион одбрани пенал и имаше неколку совршени одбрани за победа на Јуве со играч помалку, во ноември со задоволство му даде автограм на еден навивач кој влезе на терен на мечот против Лихтенштајн. Италија следната 2018 ќе биде цели 12 години без финале на Светско. Џиџи, кого го гледавме и на „Градски“ во Скопје изјави дека ќе се пензионира дури после Мундијалот во Русија.


 
9 јануари 2017 - 15:11