За Вардар – Бордо се бегаше од седми час по ликовно

Во ова бедно лето на резултати на македонските екипи во Европа, особено на тутуруткине Шкендија кои се посрамотија со аматери од Естонија, а потоа во Луксембург му одеа главечки на судијата, време е за фини нешта.

Што ви значи датумот 14 септември 1995-та? Нас многу. На Градски се играше првото коло од Купот на УЕФА меѓу Вардар и Бордо, уникатна можност како дете да се гледа и доживее еден таков голем натпревар.

Ама тоа пусто школо баш тој ден со седум часа и тоа втора смена. Пишала, не пишала неоправдан наставничката, од седми ликовно се бега по секоја цена и правец на стадион бидејќи Вардар – Силекс ќе се повтори, ама Вардар – Бордо не.

Тоа беше време кога како дете од јужна не знаеш дали да гледаш на терен или на запад од каде доаѓаше најголемата навивачка еуфорија зачинета со бакљи, димни бомби и знамиња.

Заврна дожд, ама Комитите без покрив над глава 90 минути не застанаа да пеат. Некои велат тоа било едно од најдобрите нивни изданија, а други атмосферата ја опишуваат како чудо на западната трибина.

Постарите коментираат дека и покрај тоа што Вардар загубил, играл добро, а Горан Петрески познат по прекарот Чунга Лунга му го испил мозокот на Лизаразу. До толку не паметиме како седмоодделенци, само се сеќаваме дека Градски беше полн.

За Вардар тогаш играа познати имиња како Муарем Зекир, Љупчо Марковски, Игор Саша Николовски, Зоран Јовановски, Жарко Серафимовски, Артим Шаќири..., а ги водеше прилепчанецот Илија Димовски.

Бордо беше многу опасен и голем фаворит и таа сезона стигна до финалето, но таму налета на Баерн Минхен кој ги доби двете средби и го освои трофејот со вкупни 5:1.

Францускиот тим ги елиминираше Вардар, Ротор Волгоград, Бетис, Милан и Славија Прага, а од тој тим излегоа две славни имиња и поранешни француски репрезентативци, Лизаразу и Дугари. Првиот во 97-ма направи трансфер во Баерн, а вториот во Барселона.

Без гајле, третиот не го забораваме. Се вика Зинедин Зидан. Тогаш имаше 23 години и ја играше последната од четирите сезони во Бордо по што замина во Јувентус. Не настапи и на двете средби, поради повреда или суспензија, не сме 100% сигурни.

Имаме две фотки, картата и видео од таа средба, како и видео од реваншот. Од Скопје Бордо си замина со триумф од 0:2, а на реваншот беше 1:1, стрелец Жарко Серафимовски.

14 септември 1995

28 септември 1995

Зидан и Дугари како колеги во Бордо

Клупата на Вардар четири месеци пред мечот со Бордо на финалето од Купот на Македонија против Силекс. 

Шефот на стручниот штаб Ѓоко Хаџиевски, помошникот Ванчо Балевски, директорот Драган Томовски, лекарот д-р Мице Димитровски, физиотерапевтот Дуле Велчевски и резервите Тони Ангелов, Ерол Демир, Артим Шаќири, Марио Вујовиќ и Антонио Филевски.

31 јули 2019 - 13:29