Во 2001 Роналдињо за малку не потпишал со шкотски Сент Мирен

Во летото 2003-та, Роналдињо премина во Барселона и на „Камп Ноу“ одигра неколку фантастични сезони (посебно 2005/2006), и како да нè спреми за јавлението на Лионел Меси.

Но ништо од ова немаше да се случи ако сер Алекс Фергусон го земеше Бразилецот. Англиските клубови мечтаеа за Рони и го бараа неколку пати: ѕвездениот плејмејкер го сонуваше Роман Абрамович, Арсенал го снимал уште додека бил јуниор, но целата работа се изјаловила со добивањето работна виза. Тоа лето Роналдињо беше близу мегапотпис со Манчестер Јунајтед.

Колку близу бил, појаснил и самиот волшебник од Бразил: „Јас бев на 48 часа од потпис со Манчестер Јунајтед.
Но по кратко време Сандро Росел ме праша: ’Ако јас стана претседател на Барселона, ти ќе дојдеш ли кај нас?’ Му одговорив едноставно, да. Со Јунајтед утрото требаше да ги прецизираме деталите, но Росел се јави и кажа дека победил на изборите. Му ветив дека ќе играм за Барселона. Тоа беа многу брзи преговори. Им кажав на Англичаните дека сум ја избрал Барселона (тогаш на изборите победи Жоан Лапорта, а Росел стана негов најблизок соработник).

Еден од играчите на Манчестер во тие години, Квинтон Форчун имал своја верзија на настаните. Тој е сигурен дека лошото време го спречило Роналдињо да дојде на „Олд Трафорд“: „Мислам дека го избравме најлошото време од годината за да го бараме Роналдињо во Јунајтед. Дента кога слета на аеродромот во Манчестер истураше дожд иако беше лето. Можно е ако дојдеше некој друг убав ден, се ќе беше поинаку.“

И така Бразилецот никогаш не заигра во Англија, па ги остави навивачите без одговор на прашањето: „Ако играше“. На Роналдињо можеби му се посреќило, зошто понеобично звучи приказната дека пар години пред интересот на Манчестер Јунајтед, британскиот фудбал и Рони можеле да си го вкрстат патот во местото Пејсли во Шкотска.

Локалниот клуб Сент Мирен постојано е во позадина на приказните за трансфер на големи играчи кои на крај не сакаа да слушнат да дојдат кај нив. Исто било со бразилскиот напаѓач Бебето, исто било со Ријад Марез - Алжирецот избегал од проба: Кога видел дека треба да тренира на снег и дождови, мирно ги собрал работите и се качил на воз.

Но со Роналдињо приказната е совршено друга.

Пролет 2001. Сент Мирен се борел за гол живот во шкотската Премиер лига. Во тоа време на другиот крај од Земјата 21-годишниот Роналдињо веќе пар месеци не играл за матичниот Гремио затоа што го суспендирале поради тоа што го заобиколил клубот и своеволно преговарал со ПСЖ.

Кога Рони се договорил со Парижаните, неговиот договор со Гремио веќе истекол и најголемиот талент во тоа време можел бесплатно да стигне во Париз. Бразилците тогаш револтирани што не заработиле колку што планирале се обратиле до ФИФА дека имаат документи за продолжен договор со Роналдињо.

Во арбитражата на ФИФА решиле: Роналдињо не смее на терен додека Гремио и ПСЖ не се разберат меѓу себе.

За тоа разбрал и тренерот на шкотскиот Сент Мирен, Том Хендри кој имал врски во Јужна Америка и на ум му дошла најлудата идеја во клупската историја.

Менаџерот на Роналдињо сметал дека неговиот пулен во најдобар случај ќе оди во Франција. Во генијалноста на Рони никој не сомневал, но дали бил спремен за европски фудбал каде не би заработувал многу? Зошто да не? Сент Мирен? Да, не е Париз, но подобра така отколку да седи на трибини. Башка и ФИФА немала ништо против.

Сент Мирен бил спремен да вложи цели 6 милиони фунти за кратка позајмица, но до договор не дошло. Зошто?

Има неколку верзии. Првата е дека некој од опкружувањето на Роналдињо му направил фалсификат пасош, избил скандал и преминот бил одложен. По друга верзии, бразилската фудбалска федерација задоцнила со оформување на документи и Сент Мирен не добил меѓународен трансфер сертификат во тоа време.

Том Хендри бил разочаран: „Ние се договоривме со Роналдињо, но со неговиот клуб излезе правен проблем. Тој се согласи да заигра за нас пред да премине во ПСЖ, а после веќе беше доцна и не успеавме да го донесеме“.

Самиот Роналдињо никогаш не спомнал за Сент Мирен: „Тоа беше многу одамна. Пред да заминам од Бразил и да се преселам во Париз добив безброј понуди. Искрено не памтам од кого се не добив“.

Што ќе беше ако отидеше да игра во Шкотска?

15 јануари 2018 - 15:10