Витоло - фудбалерот кој сам го откупи својот договор

Шпанскиот репрезентативец Витоло (27) кој три пати ја освои Лига Европа со Севиља, решил да потпише со Атлетико Мадрид кој е суспендиран и не смее да купува играчи до јануари, но нашол дупки во правилата.

Виктор Мачин Перез, познат како Витоло направил досега ретко виден трансфер во фудбалот.

Крилниот играч којшто беше носител на играта на Севиља направил хаотична ситуација во шпанскиот фудбал откако одлучул да премине кај Диего Симеоне во Атлетико Мадрид. Но поради суспензијата од ФИФА, Атлетико не може да пазари нови играчи до јануари следната година, па Витоло до тогаш ќе игра како позајмен фудбалер на Лас Палмас.

Како го извеле ова?

Уште во понеделникот претседателот на Севиља Хозе Кастро на презентацијата на двајцата нови фудбалери Банега и Пизаро рекол дека постигнале договор идека Витоло им дал збор дека ќе остане до 2022 година (сегашниот му истекувал во 2020) и дека ќе ја зголемат откупната клаузула од 36 на 50 милиони евра.

Витоло, со помош на Атлетико платил 37,5 милиони евра за да го раскине договорот со Севиља а од целата зделка Лас Палмас ќе добие 12,5% од трансферот благодарение на ставка во договорот со Севиља од 2013.

Имале усмен договор и фалел само потпис. И покрај тоа што претседателот се смешкал и бил сигурен во договорот, Витоло после неколку часа го изиграл клубот кој сега е бесен како и навивачите.

Најпрвин шпанска Marca го фотографиала на мадридскиот аеродром каде дошол да разговара со Диего Симеоне а истиот ден го сликале и во канцеларијата на фудбалската Ла Лига со претседателот на Лас Палмас, неговиот прв, матичен клуб (таму беше до 2013 кога отиде во Севиља).

Тогаш се дознало дека Витоло нема намера да остане во Севиља, сака да оди во Атлетико со помош на овој клуб го откупил договорот (ја активирал клаузулата). Ваквиот развој го приморал потпретседателот на Севиља Хозе Марија дел Нидо Караско да поднесе оставка, а претседателот Хозе Кастро беше уште поостар:

Претседателот на Севиља Хозе Кастро објави непотпишан договор

„Има само еден збор за ова што се случи: предавство! Вистината е дека тој ја искористи Севиља за да заработи повеќе од Атлетико. Ние сторивме се што можеме и по долго инсистирање дури и му ја зголемиве платата, но тој не го одржа дадениот збор. Ми ѕвонеше секој ден и ми кажа дека останува само јас да го заштитам од навивачите. После еден ден го прекрши зборот“.

Во меѓувреме Витоло ќе игра како позајмен во Лас Палмас до јануари, а Севиља соопшти дека ги “чешлаат“ сите документи за да видат како правно да преземат мерки и да го тужат фудбалерот. Но за вакво нешто шансите се мали затоа што имале само усмен договор меѓу себе.

На крајот едно е сигурно: Витоло после Нова година, од 1. јануари ќе игра за Атлетико Мадрид за 8 милиони евра бруто по сезона и ќе биде најплатен во клубот после Гризман. До тогаш ќе трчкара за својот Лас Палмас каде денес дошол на прозивката.