Виолетова ренесанса во колевката на калчото

Со чудниот пресврт на Милан во последните 5 минути, Фиорентина остана без пласман во Лигата на шампиони, но тоа не претставува неуспех за тимот предводен од младиот тренер Монтела кој со 22 нови фудбалери за една сезона направи револуција во екипата од Фиренца.

Плоштадот Санта Кроче во Фиренца уште во 16-от век бил место каде се играла една игра со име "gioco del calcio fiorentino". Оваа игра ги содржи корените на спортот кој Италијаните денес го викаат калчо.

Втора по важност фудбалска знаменитост во најголемиот град во Тоскана е стадионот Артемио Франки. Во лигата која го губи квалитетот и губи огромен број на гледачи, стадионот на Фиорентина оваа сезона беше највозбудливото место во Серија А со 20% пораст на бројот на гледачи во однос на минатата сезона.

Тука гледачите уживаа во атрактивен и ефикасен фудбал и се радуваа на 13 победи, а од 19 натпревари само 2 пати Фиорентина беше поразена на домашен терен.

Гледачите на Артемио Франки беа сведоци на ренесансата на една екипа која минатата година беше прогласена за изгубен случај, а оваа сезона за малку не изборија пласман во Лигата на шампиони.

Оваа сезона италијанскиот фудбал остана без претставник во полуфиналињата на европските натпреварувања, а тоа се случува веќе трета година по ред. Сите се правдаа на економската криза, но со нив не се согласи Винченцо Монтела.

Младиот и амбициозен тренер во недостаток на финансии реши да примени нови идеи. Тој направи целосен ремонт на тимот со 22 нови фудбалери, нов стил на игра и поинаков пристап кон фудбалот.

Резултати? Фиорентина освои 24 поени повеќе од минатата сезона и постигна дури 35 голови повеќе.

Огромна заслуга за овие резултати освен Монтела има и спортскиот директор Даниеле Праде. Тој пристигна во клубот веднаш по завршувањето на минатата сезона и во летниот преоден рок направи нешто што долго ќе се прераскажува.

Од клубот заминаа Монтоливо, Черчи, Бехрами и Гамберини, но Праде успеа тоа да го надокнати. Пизаро и Лука Тони пристигнаа за бесплатно, Куадрадо и Вивиано дојдоа на позајмица со опција за купување, подзаборавениот Аквилани и Томовиќ пристигнаа за 2,5 милиони, а одличен шопинг направи и од Виљареал од каде Родригез беше доведен за 1,5 а одличниот Валеро за 7 милиони евра. На последниот ден од преодниот рок беше направена и размената Настасиќ-Савиќ со Манчестер Сити, а Фиорентина ќари и уште 15 милиони евра.

Ниту еден од овие фудбалери не се покажа како промашен трансфер и сите станаа редовни првотимци. Со овој набрзина склопен тим, младиот Монтела кој е на почетокот од својата тренерска кариера, веднаш тргна во освојување на бодови, но и на симпатиите на навивачите.

Последното делче од овој мозаик е Џани Вио - „гуруто" за игра од прекини, односно банкарот кој ги воведе новите шеми во фудбалот.

Оваа сезона само Наполи постигна повеќе голови, а Фиорентина ја делеа само 5 минути од пласман во Лигата на шампиони. Во последното коло од италијанската Серија А, Фиорентина славеше со 1:5 на гостувањето кај Пескара, но Милан во самиот финиш направи пресврт во Сиена и го задржа третото место.

Но ова секако не треба да се смета како неуспех затоа што никој не се ни надеваше дека Фиорентина ќе стигна до тука, а според Монтела, ова е само темел за иднината. На стадионот Артемио Франки следната сезона ќе бидеме сведоци на уште една виолетова ренесанса.

20 мај 2013 - 10:01