Трастевере - Маалото во Рим каде со фудбал почнал Франческо Тоти

Во еден сосема спонтан кварт од милионскиот Рим има фудбалски клуб стар повеќе од 100 години. Повеќе од еден век играат во фудбалското подземје а горди се што за нив играл најголемиот Римјанин во модерната историја.

Трастевере со сигурност може да се нарече најколоритниот реон на Рим. Таму нема да најдете некакви грандиозни монументи како во другите делови од „вечниот град“, но ќе се насладите на атмосфера на средновековен град со тесни улички, безброј барови и домови обвиени со винова лоза.

Во Среден век да се живее во Трастевере не било многу престижно. Таму денот го поминувале маалски рибари, странци и девојки од најстариот занает.

Сè се сменило на средината од минатиот век кога Трастевере станувал се попопуларен меѓу Римјаните од средна класа и туристите.

Трастевере го прославиле баровите и рестораните со исклучително вкусна кујна. Самите Римјани доаѓаат тука за да ја гоштеваат душата со бокал вино или да пробаат нешто убаво.

Ако пред извесно време во статиите за Трастевере сте можеле да прочитатее: „Тука може да избегнете од туристите“, сега веќе не е така. Овој реон во последно време има многу туристи кои сакаат да ги посетат со цени пристојните барови.

Но да се вратиме ние на нашата тема.

Фудбалскиот клуб Трастевере бил основан во далечната 1909 година и повеќе од половина век се борел меѓу 4. и 5. лига. Во историјата ФК Трастевере нема некои позначајни успеси, но затоа со гордост може да се пофалат дека во сезоните 1985/1986 и 1986/1987 за младинците на тимот СМИТ (Santa Maria In Trastevere) Трастевере играл најголемиот современ Римјанин - Франческо Тоти.

Уште на 9 години Il Principe веќе играл со две години поголеми деца. Затоа подоцна во кариерата полесно се носеше со снажните ривали.

Во последните 4 сезони Трастевере игра во Serie D (4-та лига во италијанската хиерархија).

Пред неколку дена Трастевере ја пречекал екипата Остија Маре која доаѓа од малиот приморски град (Ostia) и може да се каже дека овој дуел е право мало дерби.

Пред влезот на симпатичното стадионче (собира околу 2.300 гледачи) има билетара во која работат исто толку симпатични девојки од кои може да набавите билети.

Една влезница на меч од 4 италијанска лига Serie D изнесува 10 евра (околу 600 денари), сума за која би гледале 6 меча во македонската лига или 2 на репрезентација. Trastevere Stadium има една не баш мала трибина а се наоѓа во внатрешноста на паркот Вила Дориа Панфили. Тревникот на теренот е вештачки (синтетичка трева).

На стадионот може да видите од постари па до најмлади. Очекувано, помногубројни се мажите. Нема некое навивање а освен по некој аплауз, ниту головите бурно не се прославуваат.

Затоа гостите од Остиа имаа гласна поддршка и не замолкнаа ниту еднаш. Личеа на прави ултраси, опремени со шалчиња, барјаци и тапан.

Најинтересен момент е барот на самиот стадион каде шише мало пиво чини 4 евра и може да го испиете додека трае паузата меѓу двете полувремиња.

На крајот Трастевере ја победи Остија и тоа беше нивен 3 триумф по ред. Трастевере е прв на табелата во групата Г од Серија Д со дури 10 победи, 2 нерешени средби и 2 порази. Со 32 освоени бода фаќаат сериозен залет во вториот дел од сезоната да успеат да завршат први и да се пласираат еден ранг погоре.

4 декември 2018 - 15:14