Што нема да се случи - Марадона ќе работи во Динамо Брест

Таман кога ќе помислиш дека сè си слушнал и видел во светот на фудбалот, следниот ден ќе те изненади некоја нова вест.

Ние десет пати ја прочитавме веста и уште не може да поверуваме дека Диего Армандо Марадона лично ќе работи за белорускиот прволигаш Динамо Брест. Големиот Диего потпишал 3-годишен договор со клубот кој во Белорусија се смета за трет или четврт по реноме.

Првите шпекулации околу овој трансфер се случија минатиот викенд, но сите мислеа дека е зафрканција од тамошните сеирџии. Во меѓувреме работата стана сериозна откако спортскиот директор на клубот постирал дека „Диего станува вработен во клубот и дека после Светското 2018 ќе биде одговорен за стратешкиот развој на Динамо Брест“.

Најсмешно е што презентацијата на Марадона не била во градот Брест, туку во хотелот Emirates Palace во Абу Даби (ОАЕ). Но легендата ќе дојде и во Белорусија.

Динамо Брест во Белорусија се смета за клуб зад Бате Борисов и Динамо Минск. Неодамна во клубот влегол сопственикот на компанијата Sohra Overseas, милионерот Пол Даер иако прес-службата на Динамо соопштила дека тој веќе не е во клубот затоа што на крајот од 2017 ги продал акциите. Не се знае кој инвестира сега во клубот.

Динамо Брест сезонава го освоил Купот во Белорусија а во меѓувреме дошла нова менаџерска екипа на челсо со директорот Виктор Радков чијшто прв проект била реклама со Ерик Кантона.

16 мај 2018 - 10:20