Салах пости за Рамазан и нема да јаде 18 часа пред финалето со Реал Мадрид

Еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Египќанецот Мохамед Салах го чека тежок ден и уште потешка вечер.

Рамазанскиот пост годинава почна на 16 мај и ќе трае до 14 јуни. Тоа значи дека пред големо искушение во сабота ќе бидат најдобрите играчи на Ливерпул Садио Мане и Мохамед Салах.

Напаѓачот на Ливерпул кој сезонава доби еден куп награди за најдобар фудбалер во Премиер лигата, решил да не го прекршува Рамазанскиот пост и покрај најважниот меч во неговата кариера - финалето на ЛШ против Реал Мадрид во сабота вечер.

Муслиманите кои постат за Рамазан не јадат и не пијат до зајдисонце. Тоа значи дека Салах на денот на финалето на ЛШ првпат ќе може да јаде дури на полчас пред почетокот на големото финале односно после 18 часа строг пост, пишува El-Ahly.com.

Истото важи и за Садио Мане кој рекол дека нема намера да го прекршува големиот Рамазански пост.

Претходно селекторот на Египет, Хектор Раул Купер соопшти дека фудбалската федерација на Египет вработила експерти за да им помогнат на играчите во период на Рамазанскиот пост. Тие ќе го следат начинот на исхрана и спиењето на репрезентативците, и се надеваат дека постот нема да влијае негативно врз нивните тела пред Светското првенство на кое Египет се пласираше првпат после повеќе од 25 години.

Репрезентацијата на Египет својот прв меч на Светското го игра на 15 јуни а Сенегал за кој игра Мане својот прв настап во групата ќе го има на 19 јуни.

За тренерите ова би можело да претставува проблем затоа што играчите не јадат ништо од изгрејсонце до заоѓање на сонцето. На тренинзи исто им е тешко. Но голем дел од тренерите кои се соочуваат со вакви искуства велат дека не сакаат да влијаат врз личниот избор на играчите во време на Рамаданскиот пост.