Адебајор клати врата и зема плата

Тогоанецот заработил 3,4 милиони фунти од ноември до денес, а не одиграл ниту еден натпревар како стартер. Пет пати влегувал од клупата и дал само два гола сезонава.

Кога пред две недели вработените на Вајт Харт Лејн го виделе Ролс Ројс Фантом, мислеле дека стигнал сопственикот Џо Луис, кој живеел на Бахамите. Од скапоцениот автомобил сепак излегол Емануел Адебајор, кој тргнал на утрински тренинг и ги изненадил присутните.

Последниот старт на Адебајор за Тотенхем беше на 2. ноември минатата година, кога излезе од игра во 58' минута на дуелот со Астон Вила. Од тогаш, до денес Адебајор заработил 3,4 милиони фунти од плати. Токму на тој натпревар, Хари Кејн го постигна првиот гол во Премиер лигата и подоцна стана стандарден првотимец и репрезентативец. Негова резерва е Роберто Солдадо, а трет избор е Адебајор.

Како резерва, Адебајор влегуваше во игра на пет натпревари, а последен пат против Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд (пораз од 3:0). Договорот на Адебајор со Тотенхем е до 30. јуни 2016 година. Тогоанецот заработува 170.000 фунти неделно, од кои Манчестер Сити плаќа 70.000 фунти, како дел од договорот за позајмица.

Играл или не играл, Адебајор и натаму е еден од фудбалерите што најмногу заработуваат на неделно ниво во Премиер лигата.

Лична карта: Емануел Адебајор
Роден: Во Ломе (Того) на 26. февруари 1984
Кариера: Мец (2001-2003) 53 настапи, 19 голови
Монако (2003-2006) 115 настапи, 26 голови
Арсенал (2006-2009) 142 настапи, 62 гола
Ман. Сити (2009-2012) 45 настапи, 19 голови
Реал Мадрид (2011) 22 настапи, 8 голови
Тотенхем (2011-) 106 настапи, 41 гол

Трофеи: Вицешампион во ЛШ со Монако (2003-04), Копа дел Реј со Реал Мадрид (2010-11)