Поранешен фудбалер на Манчестер Јунатед стана свештеник

Сме слушнале за фудбалери кои по крајот на кариерата станале бизнисмени, келнери или мајстори, но досега немало случај на познат играч кој решил да стане свештеник.

На времето можеше да се пофали дека играше во друштво на најголемите во историјата на Манчестер Јунајтед, Пол Сколс, Рајан Гигс, Дејвид Бекам, Енди Кол и Оле Гунар Солскер.

Можеше да се пофали и дека како ученик и првотимец на Манчестер Јунајтед годишно заработуваше огромни 600.000 фунти, дебитираше за тимот од „Олд Трафор“ во 1997 против Ипсвич, а Северно-Ирецот Филип Малрајн (39) сега се најде на насловните страни во нова улога.

Стана римокатолички свештеник од доминиканскиот ред. На тој начин му се остварила животната желба на која одамна ѝ посветил внимание. По тој повод од римската столица допатувал надбискупот Јозеф Августин Ди Ноја. Малрајн минатиот октомври бил ракоположен за ѓакон.

На „Олд Трафорд“ Северно-Ирецот се бореше со неверојатна конкуренција па поголема минутажа побара во друг клуб. Во пролетта 1999 година потпиша со Норвич а од трансферот Манчестер заработи 500.000 фунти.

Во дресот на Норвич одигра повеќе од 160 средби и даде 18 голови. Често го мачеа и повредите. Фудбалскиот пат го продолжи во Кардиф каде стигна во 2005-та а играше уште и за Лејтон Оријент и Кингс Лин. За својата земја одигра 27 натпревари и постигна 3 гола, но дамка е неговото исфрлање од репрезентацијата пред 12 години поради недисциплина.

Свештеничкиот повик го прифатил во 2009-та а титулата ја добил после школувањето во Рим и во Даблин.