Парма се врати во Серија А!

Една од најубавите вести на крајот од сезонава е тоа што Парма после три години во пониските лиги и објавата на банкрот, се враќа таму каде што и е место.

Во последното коло, екипата за која некогаш играа Буфон, Канаваро, Турам, Верон и Креспо, успеа на неверојатен начин да се врати во елитното друштво: Парма ја совлада Специја со 2:0 а Фрозиноне не успеа да го сочува водството против Фоџа (2:2) и им го отстапи второто место на „млекарите“.

Пласманот на Парма од аматерска лига во Серија А е историски: првпат во италијанскиот фудбал еден клуб ги поминал овие класи во три сезони по ред.

По сериозната криза на гигантот „Пармалат“, Парма остана без пари на средината од 2000-те години. Испаднаа во Серија Б поради очајни резултати, но се вратија некако и во сезоната 2013/2014 со Роберто Донадони дури и се пласираа во Лига Европа.

Но клубот не доби лиценца за настап од УЕФА, го почна првенството со -7 бодови суспензија, го смени сопственикот и испадна од лига (ќе испаднеше и без бодовната казна).

Во пролетта 2015-та Парма прогласи банкрот. Клубот го ставија на аукција со почетна цена од околу 20 милиони евра (долговите биле проценети на пар стотини милиони евра).

Во јули 2015-та се појави ново правно лице во Parma Calcio 1913 (годината на основање на оригиналниот клуб) - а во проектот инвестирале многу локални бизнисмени. Претседател стана легендарниот Невио Скала а главен тренер поранешниот фудбалер на Парма Луиџи Аполони.

Некогашниот гигант од европски рамки запонча од нула - од Серија D, која што е највисока аматерска лига во Италија. Парма продаде дури 9.000 сезонски карти тоа лето, го прелета првенството без пораз и убедливо го освои првото место.

Но патот назад беше многу тежок за Парма - во сезоната 2016/2017 екипата ја презеде Роберто Д'Аверса со кого Пармезанците преку плејофот се вратија во Серија Б и сега во елитната Серија А.

Д'Аверса има 42 години. Тој играл во Серија А со Сиена пред неколку сезони но воглавном како играч бил второлигаш. Кога ја завршил кариерата во 2013-та го водел клубот Виртус Ланчано во втора лига: прво како технички специјалист а потоа како тренер. Од таму Д'Аверса заминал во зимата 2016 кога поради финансиски проблеми екипата пропаѓала надолу.

Д'Аверса тогаш добил повик од Парма каде направи чудесни резултати. Минатото лето 60% од акциите на клубот ги купила кинеската Desport, а потпретсдател стана легендарниот Ернан Креспо: од Парма на времето тој замина во Лацио за рекордни 55 милиони евра но на „Енио Тардини“ ја заврши својата богата кариера.

Сите овие турбуленции со Парма ги преживеа само капитенот Алесандро Лукарели: во 2015-та година него го бараа минимум три клуба од Серија А, но тој реши да остане во аматерската лига.

40-годишниот Лукарели игра стопер но постигна 4 гола на 32 натпревари и враќањето во Серија А после толку години, го прослави со солзи:

„Не верувам... за три години направивме нешто неверојатно, нешто необично. Никогаш не би помислил за вакво финале: се изгледаше загубено а потоа ги израдувавме нашите тифози. Ова е кулминација на патешествието кое почна пред три години. Ова е големо признание за сите луѓе од Парма од кои јас никогаш не се откажав. Ветив дека ќе ја вратам Парма во Серија А. Сега може да останам. Ќе видиме како се ќе се намести. Сега сакам само да славам.“, изјави Лукарели.

20 мај 2018 - 11:59