Квалификации за Лига на шампиони

Нека се повтори Вандеир

Фудбалерите на Вардар вечерва од 19 ќе играат во квалификациите на Лигата на шампионите против шведскиот Малме на гости пред повеќе од 20.000 гледачи.

На 16 септември 1987 година фудбалскиот клуб Вардар го одигра првиот натпревар во квалификациите од Лигата на шампиони и тоа против португалскиот шампион Порто.

Дарко Панчев во улога на капитен, Грошев на голот, Калц Марковски во одбраната и Тони Савевски во нападот. Екипа која што дебитираше на европската сцена против гигантот кој беше убедлив во двомечот и славеше со вкупен резултат 0-6.

Од тој момент до ден-денес Вардар одигра вкупно 20 средби во квалификациите за елитната Лига на шампиони а учинокот е: 3 победи, 7 нерешени и 10 порази. На овие 20 меча скопскиот клуб постигнал 23 гола а ривалите 34. Низ историјата “црвено-црните“ на два пати одиграле без голови на патот на шампионите (АПОЕЛ на гости и БАТЕ Борисов дома).

Од трите противници кои Вардар успеал да ги мине во една рунда од квалификациите, најпознат сигурно е ЦСКА Москва, рускиот гигант пред кого Вардар машки се исправи. Триумфираа Скопјани и против Бери Таун и Дуделанж.

Двомечот против ’Армејците’ од Москва го одбележи сјајниот Бразилец Вандеир кој ден-ден-денес е миленик на Комитите. Тој даде два гола против Русите - еднаш дома и еднаш на гости за голем пласман во следната рунда.

Малиот ’Вандо’ е и прв стрелец на Вардар во квалификациите со четири гола (покрај ЦСКА, два му даде и на велшкиот Бери Таун). Најубедливи победи Вардарци славеа против Дуделанж 3-0 и против Бери Таун 3-0. Со истиот резултат македонскиот првак губеше и од Порто (два пати) и од Стеауа Букурешт.

По три гола имаат Оливеира и Славчо Георгиевски а Јован Костовски и Дејан Ристовски по два.

Во однос на тренерите, Зоран Стратев е човекот кој најмногу прошета низ Европа со Вардар. Токму под негова палка Вардар во 2003-та година ја „стресе“ фудбалска Европа откако ја мина ЦСКА. Стратев го водеше Вардар на шест меча во квалификациите за ЛШ.

Четири меча Вардар играше во оваа фаза предводен од Ѓоко Хаџиевси, а два пати со Андон Дончевски, Илчо Георгиевски, Благоја Милевски, Сергеј Андреев и вечерва со Гоце Седлоски.

Во однос на вечерашниот меч, Малме е противник кој редовно игра во групните фази на евро-куповите а неодамна оствари и неколку победи во Лигата на шампионите. Добра околност по Вардар е што вечерва ќе отсуствуваат тројца стандардни првотимци меѓу кој и најдобриот играч на екипата, шпицот Маркус Розенберг. Според букмејкерите, за победа на домаќинот коефицентот е 1.30 за реми е 4.70 а за победа на Вардар огромни 11.00.