Неготинецот кој играше во Хрватска и им јавувал на другарите што да играат

Хрватите не може да се пофалат со преполни стадиони, ама затоа меѓу оние кои го следат домашното првенство има и енциклопедии кои го паметат и Горан Тодорчев, Неготинецот кој граше за Осијек и Интер Запрешиќ.

Фејсбук групата Романтика се занимава со носталгични моменти во нивната хрватска лига. Една од најновите објави им е сеќавање на Македонецот кој во Хрватска стигнал во 2007 година од скопски Работнички.

Потпишал за Осијек чии навивачи мислеле дека Тодорчев е уште еден во морето играчи со сомнителни квалитети кој дошол во клубот по прегледана DVD снимка од неговите настапи.

Можеби така и било, никогаш нема да дознаеме, но Тодорчев ги демантирал сите и се покажал како квалитетен играч. За него викале дека прв им паѓа на памет кога ќе се спомне фразата „каде некој не оди со копачка, тој влегува со глава“. Капитен во тимот и негов соиграч му бил Домагој Вида.

Горан Тодорчев бил бескомпромисен играч од средниот ред кој запишал 91 лигашки настап со еден погодок и две асистенции. Освен за Осијек играл и за Интер Запрешиќ а во 2012 година се враќа во татковината.

Денес Тодорчев има 34 години и во моментов е без клуб откако му истекол договорот со тетовски Тетекс. Нема официјални информации дали ја завршил кариерата.

Сепак причина зошто е објавен во рубриката Носталгија не се само добрите настапи туку и позадинска приказна. Во тоа време во ХНЛ (Хрватска ногометна лига) се местеле резултати на големо а Тодорчев го добил епитетот кралот на кладилниците.

Зошто?

Еднаш на некои интернет форуми се пишувало дека „еден дечко од тимот на Осијек, Тодорчев, ги знае точните резултати и исходи на натпреварите.“

Така еднаш некој форумаш тврдел дека мечот Вартекс - Задар ќе заврши 2:5 и дека информацијата ја добил лично од Тодорчев. Замислете, средбата завршила буквално со тој резултат па Тодорчев морал да се правда пред новинарите.

„Ги имам на мобилен сите пораки коишто сум им ги праќал на пријателите во Македонија. За мечот на Пољуд им јавив на сите да играат Х2, а не дека ќе биде два во два, полувреме крај, како што пишуваше на тој форум. Тоа е измислица“, рекол Тодорчев за реномираниот Index.

Потоа го продолжил своето излагање пред новинарите:

„Знаете, јас играм во хрватската лига и пријателите стално ми се јавуваат и ме прашуваат што мислам како ќе заврши некој натпревар. Јас тогаш им викам ќе победиме или ќе победи овој, оној и тоа не е проблем. Меѓутоа проблем се јави кога во последните неколку кола погодови се што им сугерирав па почна на големо да се зборува како гаѓам се, затоа што мојот роден град Неготино е мало место. Информацијата брзо се проширила, и тогаш ко божем јас знам кој меч во ХНЛ како ќе заврши“, рекол Тодорчев и продолжил:

„Да, тоа за Вартекс, ја чувам и пораката. Во саботата ми се јави пријател од Прилеп и ме праша дали е вистина дека овој натпревар е наместен зошто во Македонија неколку дена претходно наголемо се зборувало дека ќе биде 7+ голови. Јас тогаш им се јавив на некои играчи на Задар кои ги познавам а тие ми кажаа дека не знаат ништо за тоа и дека Задар ќе настапи со втор тим односно со младинци. Тогаш му праќам порака на пријателот од Прилеп и му напоменувам дека не знам ништо само да одигра кец. Тоа го одиграв и јас“, рекол Тодорчев.

Како и да било, никогаш ништо не било докажано. Тодорчев во 2010 година добил повик од тогашниот селектор Мирсад Јонуз да дебитира за репрезентација на мечот против Албанија но поради повреда Горан никогаш не го облекол дресот на македонската репрезентација.

Via

10 октомври 2018 - 11:19