Не позира и не игра за аплуаз - идеалниот фудбалер Н’Голо Канте

Кога сите едвај чекаат судијата да го стави свирчето во уста и три пати да дувне за да означи крај, малиот борец Канте неуморно ора по теренот без разлика на резултатот. Ќе стане ли најдобар игач на Светското и може ли на Франција да ѝ донесе титула светски шампион?

Во младоста Нголо Канте седел во хотелска соба, гледал меч од Лига Европа и зборувал со стоперот Ерик Ванденабеле. Заедно играле во третата француска лига, во клубот Булоњ.

- Еден ден кога ти ќе играш на овој турнир ќе те даваат на телевизија, му рекол Ерик.

- Нема шанси, се насмеал Канте.

Сторијава делува како епизода од серијата Started from the Bottom за малиот херој кој ја носи Франција кон светската круна.

Историјата ја раскажува самиот Ванденабеле, а не некоја серија.

Од тој муабет во хотелската соба како цимери, поминале шест години, а Канте во меѓувреме не само што стана најдобриот дефанзивен играч за врска на Светското, туку и идеален работник. Кога во Нижни Новгород Франција водеше 2:0 и Уругвај беше спремен да плаче поради елиминација, некако фокусот од другите играчи се префрли само на Канте.

До крајот на мечот додека другите губеа здив на спарното време, Канте ораше како четвртфиналето штотуку да почнало.

За тоа колку е Канте важен за играта на Франција говори и изјавата на Пол Погба:

„Канте е насекаде. Кога нема да стигнам да се вратам во одбрана, знам, дека тој ќе се справи. Како да има 15 бели дробови“.

Статистички Нголо против Уругвај имал најмногу шпринтови кон напред од сите Французи (42 пати). Најактивен после него бил бекот Павар со 35 влетувања, Гризман имал 29 а Погба 27.

Канте во мај годинава го прогласија за најдобар играч на Челси во сезоната 2017/2018.

Звучи едноставно и дури банално изјавата на Нголо по примањето на наградата „Секој има своја работа. Ние секогаш мора да мислиме што може да се случи понатаму - дали во нападот дали во одбраната. Затоа сум секогаш спремен3“, рекол Канте за сајтот на Челси.

Тој е дискретен херој - не зборува гласно, не вика, не покажува емоции, не позира и не се превртува кога ќе го фаулираат. На неговата игра ретко аплаудираат и изгледа како да игра сам за себе а всушност ора за екипата.

Дури и во 83’ минута кога Французите имаа посед, тој тргна во контра но виде дека практично никој не го следи, смени насока и тргна на крило да ја сочува топката. Како што рече и самиот во мај: „Ја прочитав ситуацијата и ја поддржав екипата“.

Но најголемата величина на Нголо беше на средината од второто полувреме кога настана голем метеж и за малку не изби тепачка. Тој стоеше на страна, набљудуваше и чекаше кога ќе заврши сè за да почне да игра фудбал.