На Сосиедад му паѓаат 24 милиони евра од небо

Антоан Гризман, светскиот шампион со Франција летово ќе замине во нов клуб. Ваква вест во последните 2 години сигурно сте прочитале 15-20 пати. Ама овојпат дефинитвно оди и на својот поранешен клуб му носи богатство.

Во случај да се оствари сè поизвесниот трансфер на Антоан Гризман во Барселона, а за што има сè повеќе гаранции, баскискиот клуб кој играше во групна фаза од Лига Европа со скопски Вардар, ќе добие чисти 24 милиони евра!

Ни крив ни должен, што би се рекло.

Францускиот репрезентативец во раната младост од Франција се преселил да игра фудбал во соседна Шпанија и потпишал договор со Реал Сосиедад. Во јули 2014 преминува во гигантот Атлетико Мадрид за што Реал Сосиедад добива големи 30 милиони евра.

Но во договорот имало и клаузула за 20% од следниот трансфер на Гризман во друг клуб, па сега во Сосиедад тријат раце на медиумските наслови дека Барселона ќе го откупи договорот на Французинот од Атлетико Мадрид вреден 120 милиони евра.

Во целата зделка Атлетико би добил 96 милиони, а Реал Сосиедад 24 милиони евра! Необично, околу 24 милиони евра Сосиедад ќе го чини реконструкцијата на стадионот „Аноета“.

Како што пишува шпански Ас, Атлетико ќе се збогува со Гризман на коректен начин затоа што му е благодарен за сè што направи за клубот.

15 мај 2019 - 12:39