Кралеви на драмата - минаа групи во 85-та минута, 1/4 финале во 93-та и 1/2 финале во 96-та

Патот на Тотенхем до финалето на Лига на шампиони сигурно ќе биде обработен во некоја епска документарка. Она што им се случуваше уште од групна фаза па се до 8 мај и гостувањето во Амстердам е необјасниво.

После три кола од групната фаза во Лига на шампиони, ситуацијата во групата Б беше ваква: Барселона 9 бода, Интер 6 бода, Тотенхем 1 бод, ПСВ 1 бод.

По ремито со ПСВ, Тотнем изгледаше безнадежно, а тренерот Маурисио Почетино беше искрен: „Овој резултат ни остава минимални шанси за пласман во следната рунда. Практично сее готово за нас. Еден бод на три меча - ќе ни биде многу тешко“.

Во коментарите ширум Европа веќе Тотенхем го гледаа испаднат во Лига Европа, посветен на Премиер лига итн.

Пред домашниот меч со ПСВ во Лондон Аргентинецот рече: „Дуелот со ПСВ е одлична можност да се освојат три бода и да се сочува надежта за влез во следна фаза. Немам многу играчи за да бирам или да не бирам. Сега имам 18 или 19. Реалноста е таква што немаме големи шанси за пласман во плејофот од Лига на шампиони“.

На „Вембли“ Тотенхем прими гол и губеше уште до 2’ минута. До 78-ма резултатот беше 0-1 додека не настапи „ураганот Кејн“: прво израмни а вториот гол го даде длабоко во 89’ минута и стана играч на неделата во Лига на шампиони.

Во 5. коло во Лондон гостуваше Интер: Италијанците се држеа на 0-0 до 80’ минута кога Ериксен донесе огромна радост за Тотенхем. Во последното коло ги чекаше клучен меч на „Камп Ноу“ со страшната Барселона која веќе беше прва: „Во фудбалот се е можно, само треба да се верува. Да се совлада Барселона нема да е лесно, но многу е важно да се верува“, рекол Почетино пред гостувањето во Каталонија.

Табелата во тој момент изгледаше вака: Барса 13 бода, Тотенхем 7, Интер 7, ПСВ 1 бод. Тимот од Северен Лондон имаше подобра гол разлика од Интер но Италијанците имаа „лесна„ задача дома против отпишаниот ПСВ. Интер имаше пласман на тацна.

****

На 11 декември се случи чудо: немотивираниот ПСВ (немаше шанси ни за Лига Европа) му пркосеше на Интер и му одигра 1:1. Во тоа време во Шпанија немотивираната Барселона без Меси во првите 11, уште во 7’ минута поведе со 1:0.

На олнајн табелата Тотенхем беше трет во тој момент, но во 85’ минута северен Лондон славеше: Кејн центрираше а Лукас Мура израмни на 1:1. Играчите на Тотенхем не знаеа што се случува на паралелниот меч и затоа не славеа многу. Кејн на пример трчаше кон центарот на игралиштето со скаменето лице, покажуваше со раце топката побрзо да се земе.

Дилемата ја решиле навивачите од гостинскиот сектор во горниот прстен: „Згрмеа така гласно што сфатив дека сме прошле“, рекол Лорис после мечот.

****

Во 1/8 финале ги чекаше Борусија Дортмунд која немаше шанси - 4:0 вкупен резултат за Тотенхем во двата меча.

Најтешкиот предизвик стигна во четврфинале. Пеп Гвардиола и Сити. Никој не веруваше во подвиг, само Гвардиола изјави како шансите се 50:50. И така и беше. Првиот дуел Тотенхем го доби 1:0 на својот нов модерен стадион, а во вториот резултатот одеше вака:

4’ минута - 1:0
7’ минута - 1:1
10’ минута - 1:2
11’ минута - 2:2
21’ минута - 3:2
59’ минута - 4:2
73’ минута - 4:3
93’ минута - 5:3 - поништен гол на Стерлинг со ВАР поради офсајд и Тотенхем е во големото полуфинале!

„Неверојатно е како се заврши. Колку сум среќен и горд. Моите играчи се херои. Толку сум среќен за нив и за нашите навивачи. Во тој момент (голот на Стерлинг) низ глава ми поминаа толку многу работи, огромно разочарување, но после ВАР одлуката ми се помешаа чувствата. За тоа го сакаме фудбалот. Вечерва покажавме карактер, ова беше неверојатен меч“, преемотивно изјави Почетино после Сити.

*****

И на крајот ги чекаа луцидните деца на Ајакс. Клинците кои ги разбија Бенфика, Реал Мадрид и Јувентус како од шала. Првиот дуел Тотенхем го загуби дома 0-1. Реваншот веќе беше готов после 45 минути. Ајакс во Амстердам водеше 2-0 и навивачите го славеа пласманот во финале. Како Милан на полувремето во Истанбул.

Но судбината сакаше Лукас Мура да ја има најдобрата вечер во кариерата и без Хари Кејн во нападот, сам да постигне дури 3 гола. Хет-трик за 2:3 и пласман на Тотенхем во епското финале со Ливерпул во Мадрид на 1. јуни.