Кога Скопјани живееа по улици и шатори ама дојдоа на Градски за Вардар

На 56 годишнината од катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје, ќе се потсетиме на најтешкиот и најтажниот фудбалски натпревар на кој повеќе се слушало плачење отколку навивање.

Само еден месец по земјотресот во Скопје на програмата било првото коло од сојузната лига на Југославија во сезоната 1963/1964 во која шампион на крај била Црвена Ѕвезда.

Вардар го пречекал Динамо Загреб во еден многу тежок и тажен амбиент. Мечот го судел меѓународниот судија од Словенија, Ладо Јакше.

„Градот на Вардар беше за мене голем предизвик. Се воодушевував од неговите убавини. Тешкиот земјотрес во 1963 година го разурна градот. Уште во урнатини, само неколку недели по катастрофата, дојдов да го судам првиот натпревар по земјотресот меѓу Вардар и Динамо од Загреб. Уште луѓето живееа на улици, по шатори, но масовно дојдоа на натпреварот, кој покажа дека Скопје е живо и дека Вардар продолжува да ја пишува својата богата историја. Кога по неколку години пак дојдов во Скопје, солзи радосници ми надојдоа. Ги снема урнатините, изникна нов убав град, а фудбалскиот клуб Вардар брзо чекореше кон врвот“, се потсеќа арибитарот.

Истиот овој натпревар го коментираше сега веќе покојниот доајен на радио репортерството, Ивко Панговски, кој почина на 28 март годинава.

„На 28 август 1963 беше првиот пренос по земјотресот во Скопје на средбата меѓу Вардар и Динамо од Загреб 1:1. Тоа беше најтешкиот пренос. Стадионот го реновираше Загрепска оператива и ние едвај успеавме да извлечеме линии. Инаку играчите на терен излегоа со траорни ленти и повеќе се слушаше плачење бидејќи недостасуваа многумина што загинаа, а меѓу нив беше и еден стар техничар од Радио Скопје кој загина откако се врати да и земе играчка на ќерката. Динамо го сместија во хотел во Куманово, а Вардар во Тетово“, раскажа Ивко Панговски за Офф.нет.мк.