Кога Фичо во 93-та му го донесе првиот Куп трофеј на Ѓорче

Ако на некој денеска му е тапа без фудбал, може да си ја направи средата спортска и да гледа финале во Купот на Македонија и тоа за 100че. Одиме со едно ретро токму поради тој повод.

На арената по ново „Тодор Проески“, претходно „Филип Втори“ и „Телеком арена“ или најпросто и најкултно кажано „На Градски“, од 18:30 се среќаваат Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев

За Лавовите ова ќе биде трето финале во историјата, а за Струмичани прво.

Македонија Ѓорче Петров претходното го загуби од Работнички на пенали во 2009-та, но првото го доби во 2006-та, кога Академија Пандев уште не постоеше како клуб.

Во таа мајска врнежлива ноќ пред 13 години се чини дека Шкендија беше поблизу до трофејот бидејќи имаше две водства од 1:0 и 2:1.

Но тогаш 21 годишниот Филип Ивановски даде два гола во последните десетина минута и им го донесе пехарот, за сега единствен во ова натпреварување.

При резултат 2:2 во 93-та минута кога сите мислеа дека ќе гледаат продолженија и пенали, Ивановски доби топка во средина, направи самоуверено одличен соло продор, ја измеша одбраната и со мајсторски надворешен фелш го реши мечот. 

Пехарот го подигна капитенот Васко Божиновски. Истиот Васко кој беше репрезентативец на Македонија, потоа одлично го чуваше Ањелка на мечот Работнички - Болтон во Скопје (без заебанции), а неколку години подоцна го гледавме „На Старо“ (средно угостителско) на маалски турнир во Козле, каде ако паметиме добро играше за Бардовци. Легенда.