Како незграпниот Смолинг му го повреди носот на Меси

Најнеочекуваниот кадар од „Олд Трафорд“ синоќа во ЛШ беше повредениот нос на Лионел Меси кој настрада по еден грубијански фаул на стоперот на Манчестер Јунајтед.

Во 30' минута од мечот, Меси тргна кон една топка, за да ја смири и да спреми нова шанса за Барселона, кога од зад грб му влета залетаниот и 23 сантиметри повисокиот Смолинг и буквално го прегази.

При падот на Меси, Смолинг со рака го удри силно по нос поради што лидерот на Барса падна на тревата а играта продолжи:

Набрзо сите приметија дека Меси има крв по лицето, а судијата не досуди фаул, просто мислел дека е дуел за топка. 

Инаку целиот настан има позадина, затоа што на прес-конференцијата пред мечот, Смолинг најавил борба против Меси: „Уживам во вакви моменти. Сезонава ни се погоди да играме против Кристијано Роналдо и Килијан Мбапе и јас сакам такви борби“.

Како што обично се случува, по социјалните мрежи веднаш почнаа теории на заговор, па така се споделуваа фотографии со раскрвареното лице на Лионел и наводен цитат на Смолинг кој рекол: „Меси има слаби страни за кои знам само јас. Не мислам дека светот е во тек, така што нема да ги откривам сега“.

Англискиот репрезентативец на Твитер објави дека е фејк цитат, фејкњуз и измислица изјавата која му се припишува.

Овој дуел за среќа остана единствен непријатен момент од мечот меѓу Манчестер и Барселона. После мечот од каталонскиот клуб соопштија дека Меси е добар и дека имал само гребнатинка на носот.

Лионел ќе може да игра против Уеска во Ла Лига а ќе биде спремен и за реваншот против Манчестер Јунајтед следниот вторник.