Јуве не му ја мисли, најден е наследникот на Киелини

Роден е на 5 март 1998 година во турското градче Карамурсел. Има 21, а веќе игра како да има безброј сезони во кариерата. Антиципација одлична, снажен во воздушни дуели, уште појак на земја, долг чекор, сигурен на топка и уште подобри долги топки. Има и од кого да учи, а Јуве е среќен што го најде наследникот на Џорџоне.

Интересно, младиот Мерих Демирал кариерата ја почнал во своето родно место Карамурсел, па отишол во академијата на гигантот Фенербахче. Во 2016 година неочекувано се сели во португалскиот тим Алканенсе, а едно време игра и во Спортинг Б.

Следни тимови во кариерата му биле Аланјаспор и Сасуоло од каде во јули годинава дојде во шампионот на Италија.

За репрезентацијата на Турција дебитираше на 20 ноември 2018 година на пријателска против Украина. Од тогаш до денес ги одигра квалификациите за Евро 2020 на кое Турците се пласираа и на кое Демирал ќе ја предводи одбраната.

На шпекулациите дека Арсенал и Тотенхем се сериозно заинтересирани да го доведат во јануари, Демирал вели:

„Како и вие, и јас ги слушнав гласините, но како што кажав целта ми е да дадам 100% тука на секој натпревар и на секој тренинг. Се трудам и тоа е добро за мене, фокусиран сум само на Јуве, а мојот тим ќе одлучи што е најдобро за мене“.

Со оглед на тоа што најскапо платениот дефанзивец во историјата, Матијс Де Лихт не ги исполни очекувањата во целост, а Демирал се наметна од втор план, ништо чудно ако Јувентус реши да го планира Турчинот на долги патеки.

13 декември 2019 - 11:12