Јадранска лига во фудбал - за или против?

Од вкупно 24 екипи кои учествуваа во квалификации за Лигата на шампионите и Лига Европа, само еден клуб успеа да влезе во фазата по групи. Време ли е за Јадранска лига?

Во најдобрите фудбалски години, лигата на СФР Југославија пред распаѓањето редовно имала пет претставници во европските натпреварувања. По еден во Купот на шампионите (денес ЛШ), еден во Купот на победниците на Куповите и три во Купот на УЕФА. Во тоа време квалификациите не беа оптеретени како денес и се играло од почетокот на септември, а не како сега од крајот на јуни.

Новата сезона е најпоразителна за регионов во последните десетина години, затоа што од дури 24 клубови во квалификациите, само Динамо Загреб влезе во елитното друштво. „Модрите“ од Загреб дури четврти пат во последните шест сезони ќе играат во ЛШ, а во Лига Европа нема ниту еден клуб од поранешна Југославија. Тоа е првпат откако УЕФА во 2004. година го направи овој Куп да се игра по групи.

Тоа значи дека навивачите во пет од шест земји во регионов од вторник до четврток, цела есен ќе грицкаат семки пред телевизија и наместо своите клубови ќе гледаат некои други.

Во квалификациите за ЛШ од Балканот сезонава играа шампионите на своите земји: Црвена звезда, Динамо Загреб, Олимпија, Вардар, Зрињски и Младост Подгорица. Во второто коло учинокот беше два пласмани и четири испаѓања. Нашиот Вардар играше против Динамо, така што од овој двомеч Балканот имаше 1:1. Црвена звезда едвај го помина првакот на Малта, а сите останати испаднаа од шампионите на Словачка, Полска и Бугарија.

Во третото квалификациско коло, Динамо го совлада шампионот на Грузија, а Црвена звезда испадна од шампионот на Бугарија. Во плејофот, Динамо колку толку го обели образот на регионот и го победи Ред Бул Салцбург.

Од 2010. година до денес во ЛШ се пласираа: Партизан (2010), Динамо (2011, 2012, 2015) и Марибор (2014).

Што се однесува до Лига Европа, осум тимови од ова поднебје го завршија европското лето уште во првото коло, а шест не успеаа да ја поминат последната рунда во плејофот.

Во првото коло од квалификациите за ЛЕ играа Вокељ - Војводина и Работнички - Будуќност што само по себе значеше дека два тима од Балканот ќе одат во следната рунда. Екипите од Екс-Ју елиминраа два ривали од Анодра и по еден од Казахстан и Полска (Шкендија), а загубија два двомеча од претставници на Израел, Албанија, Бугарија и Лихтенштајн (Силекс).

Во второто коло од квалификациите за ЛЕ, Војводина совлада Велшани, Домжале победи Белоруси, Шкендија победи Азербејџанџи, Марибор Бугари, а Хајдук Романци. Порази во ова коло доживеаа Партизан, Чукарички и Будуќност.

Во третото коло, успешни беа Локомотива Загреб и Хајдук кои елиминираа Украинци, Војводина елиминираше Белоруси, Марибор Шкотланѓани, а Шкендија беше подобра од Млада Болеслав. Домжале испадна од Вест Хем, а Ријека од турски претставник.

Во плејофот балканските тимови доживеаа дебакл 0 од 6: Сасуоло ја победи Црвена звезда, АЗ Алкмар Војводина, Гент ја совлада Шкендија, Генк Локомотива Загреб, а Габала го елиминираше Марибор. Најблиску до пласман во групната фаза беше Хајдук кој на пенали загуби од Макаби Тел Авив.

Вкупниот скор на Екс-Ју екипите во 12 плејоф меча е 2 победи, 3 нерешени и 7 порази со гол разлика 9:23. Во Лига Европа претходните сезони се пласираа: Динамо (2010 со учинок 2 победи, 1 нерешена и 3 порази, 2013 0-1-5), Марибор (2011 0-1-5, 2012 1-1-4), Партизан (2012 0-3-3, 2014 0-2-4, 2015 3-0-3).