Квалификации за Лига на шампиони

Храбриот Вардар носи одличен резултат од Шведска

Фудбалерите на македонскиот шампион Вардар ремизираа 1-1 во првиот меч од 2. квалификациско коло за Лига на шампионите. Одиграа момците на Седлоски смирено, трпеливо и во реваншот ќе имаат крајно позитивен резултат.

Стратегот на Вардар, Гоце Седлоски го стартуваше мечот со следните 11: Гачевски, Грнчаров, Спировски, Барсегјан, Хамбарџумјан, Николов, Новак, Демири, Исени, Фелипе и Балотели.

Домаќинот, кој вечерва истрча без тројца првотимци меѓу кој и центарфорот Маркус Розенберг тргна отворено, офанзивно со тројца играчи напред, но Вардар од почеток беше сосема добро поставен во одбраната.

По кратката иницијатива на шведскиот шампион, Вардарци се ослободуваа од притисокот и ја имаа првата сериозна шанса на мечот. Светна една полу-контра во 17’ минута, репрезентативецот Спировски одлично го проигра Боарето кој од чиста позиција шутираше крај голот.

На Малме не му требаше брзо да возврати, но шутот на Баргет (замената за Маркус Розенберг) од само пет-шест метри пред голот на Гачевски заврши далеку над голот:

Во 34. минута "црвено-црните" одново отворија сјајна контра, Ерменецот Барсегјан излезе пред голот на Виланд но шутираше неспретно па топката се одби и дојде до Бразилецот во нападот на Вардар кој биеше високо над голот. Активен и убав фудбал за око пред околу 20.000 гледачи на модерната „Сведбанк Арена“.

До крајот од првиот дел се играше на половината на нашиот шампион, но Малме освен неколку полу-шанси не успеа да го смени почетниот резултат и на одмор се замина со 0-0. Лидерот во шведската лига кој сезонава нема пораз во домашното првенство го отвори и вториот дел агресивно и целосно отворено, но Грнчаров и Новак успешно го чуваа просторот.

Апсолутно отворен и динамичен фудбал гледавме и во вториот дел а после 18 минути игра, поточно во 63’ минута Бобан Николов постигна ефектен гол во левиот долен агол на Виланд за голема радост меѓу 200-300 навивачи на Вардар.

После тој момент домашниот состав ги фрли сите карти во напад, а одбраната на Вардар попушти само еднаш на овој меч и тоа во 74’ минута кога нововлезениот Еикрем центрираше од косо, а стоперот Брорсон со глава го совлада вечерва одличниот Филип Гачевски.

Само четири минути подоцна, Кристијансен направи дар-мар во вардаровата одбрана но Гачевски на тотално неверојатен начин го спречи да направи целосен пресврт и е најзаслужен што Вардар во реваншот ќе има фантастичен резултат и отворен пат кон следната фаза, нешто на што домашната јавност чека повеќе од 10 години.

Реваншот се игра за една недела на стадионот „Младост“ во Струмица.

Хајлатс и голови од мечот:

12 јули 2017 - 20:52