Фудбалската икона се уште царува во маркетингот

И покрај 37 годишната возраст во која ги брои последните мигови од славната фудбалска кариера, Дејвид Бекам се уште има огромно влијание во маркетинг секторот преку кој успева да го привлече светскиот аудиториум, но и на компаниите да им донесе милионски профити.

Моќта на Бекам во сферата на маркетингот ја анализираат агентот од ФИФА, Жан Кристоф Каталиоти и Томазо Фабрети, експерт по економија и маркетинг според кои англискиот фудбалер е посебен пример за анализи во релацијата фудбал-маркетинг.

Тие сметаат дека по 5 годишниот престој во САД, каде со тимот на Лос Анџелес Галакси потпиша договор вреден 250 милиони евра, тој повторно успеа да го привлече вниманието на Стариот континент, а и покрај тоа што е ветеран, ги полни насловните страници на најпознатите дневни весници и магазини.

Бекам умее одлично да ги искористи своите два квалитети, фудбалското знаење и физичниот изглед и со тоа да биде успешен на две полиња. Во спортот и во шоубизнисот. Со тимот на Галакси стигна до шампионската титула, а истовремено е дел и од модниот свет, каде за него водат битки светските модни компании кои профитираат од неговите фото сесии за претставување на разни парчиња облека.

Со таквиот спој на квалитети фудбалската модна икона истовремено ги превлекува и машкиот и женскиот пол. Јавното мислење за него во женскиот свет е дека е еден од најзгодните фудбалери, а неговите фанови воопшто не штедат пари за дресови со негово име.

Бројките покажуваат фасцинантен податок околу продажбата на дресовите на Бекам. Во досегашниот дел од неговата кариера во која настапуваше за Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Милан и Л.А.Галакси, биле продадени околу 10 милиони дресови во износ од милијарда евра. Сума од која одреден процент од парите одат и во неговиот џеб.

Еуфоријата околу неговото доаѓање во ПСЖ воопшто не изостана. Првичните проценки се дека во наредните неколку месеци дресот со број 32 ќе привлече околу 150 илјади негови обожаватели, а од маркетингшките првава клубот во наредните 5 месеци се очекува да заработи околу 15 милиони фунти.

Каталиоти и Фабриети сметаат дека трансферот на Бекам во ПСЖ се случил во вистински момент во период кога во клубот почна една нова ера и кој е составен од големи фудбалски имиња. Покрај огромниот влог на богатите сопственици од Катар, клубот со купувањето на Бекам може да привлече и нови спонзорства, покрај она од 25 милиони евра годишно на авионската компанија „Емирати" која како официјален спонзор оваа сума ќе ја издвојува во наредните 5 години.

Француските медиуми при потпишување на Бекам со ПСЖ, ангажирањето на популарниот фудбалер го нарекоа чист маркетинг, но не само во корист на клубот туку и за далечната 2022 година, кога Катар планира да го ангажира англичанецот да биде главен промотор на Светското фудбалско првенство.

Уште еден доказ за популарноста на Дејвид Бекам во светски рамки е новата понуда која пристигна од Кина, која по големиот скандал со местење натпревари планира со помош на фудбалската икона да го врати реномето во спортот.

Фудбалерот на ПСЖ доби понуда да го претставува кинескиот фудбал, појавувајќи се на конференции, реклами и разни собири поврзани со првата кинеска лига. За овој ангажман Кинезите му понудија сума од 50 милиони фунти.

26 февруари 2013 - 15:00