Фешта на Градски со гранде Елиф Елмас

Македонската фудбалска репрезентација ја оствари многу посакуваната победа против Словенија со двата гола на македонскиот бисер и член на Наполи. Лошо прво, но фантастично и борбено второ полувреме во кое Пандев, Елмас и другарите покажаа кој е газда во Скопје.

Иако Игор Ангеловски се реши за офанзивна формација со Пандев и Несторовски поддржани од Елмас, сепак главниот проблем во играта од првиот дел беше креацијата во средниот ред.

Освен фудбалерот на Наполи, речиси никој друг не ја префрлаше топка на другата половина, а немаше ниту корисни топки за напаѓачите. Главен акцент и кај двете репрезентации беше одбраната која функционираше солидно.

Но тој вид на игра делуваше мачен за око, бидејќи повеќе се играше внимателно да не се прими гол. Во напад и двете селекции повеќе ја гњавеа топката отколку што создаваа шанси за гол. Првата вистинска возбуда се случи во последната минута од првиот дел кога цел Градски стана на нозе.

Елмас погоди за 1:0, но судијата свирна офсајд. Фудбалерите жестоко пртестираа и нервозно го напуштија теренот, но веќе на стартот на вториот дел имаше поправен.

Пандев и Елмас направија фантастична двојна комбинација по која капитенот мајсторски го проигра големиот македонски талент кој го матираше Облак.

Голот за избраниците на Мрме делуваше многу мотивирачки после тоа здодевно и безидејно прво полувреме. Словенците се заканија еднаш од далечина, но Столе одлично го прочита ударот.

Во 68-ма минута Градски одново беше во делириум со новиот дуел еден на еден кој му го приреди Елмас на голманот на Атлетико Мадрид, овој пат после фантастична контра и асистенција на Адеми.

Во 94-та минута холандскиот судија свирна пенал за Словенците кои само го ублажија поразот на 2:1.

Македонија со овој триумф се искачи на трета позиција и има 2 бода помалку од Австрија која славеше со пресврт против Израел. Во недела со почеток од 20:45 и гостуваме на Полска.