Ефектот на Кристијано Роналдо во Јувентус

Не успеа уште во првата сезона да им го донесе пехарот во ЛШ, ама затоа со реномето и влијанието во светски рамки, едноставно ја подигна економијата во клубот, која и онака им беше силна.

За прв пример ќе ја земеме продажбата на дресови. Според извештајот кој го објави Газета дело Спорт, а го изготви консултантската фирма Euromericas Sport Marketing, Јувентус благодарение на Кристијано Роналдо само во сезоната 2018/2019 продал 1,315.000 дресови.

Далеку е тоа од бројките со кои баратаат другите европски гиганти, но сепак се работи за голем скок.

Листата на топ 10 клубови според број на продадени дресови изгледа вака:

Манчестер јунајтед (Англија), 4.950.000

Ливерпул (Англија) 3.943.000

Баерн Минхен (Германија) 3.475.000

Реал Мадрид (Шпанија) 2.920.000

Барселона (Шпанија) 2.755.000

Челзи (Англија) 1.911.000

Б. Дортмунд (Германија) 1.698.000

ПСG (Франција) 1. 522.000

Манчестер Сити (Англија) 1.476.000

Јувентус (Италија) 1.315.000

Но да е само тоа. Секој податок поврзан со економијата на Јуве оди во нагорна линија, па така на пример приходите од продажба на производи во 2018-та изнесувале 27, а оваа година 44 милиони евра.

Старата Дама едноставно млати повеќе пари по сите основи, како што се приходи од продажба на карти, радио и тв права, реклами и сл, а целосната сума на приходи во 2018/2019 е поголема за 116 милиони евра за разликата од сезоната пред неа.

Напредокот на осумкратниот првак на Италија во низа може да се забележи и според други параметри. Во мај 2019-та имаат 38 милиони навивачи повеќе до мај 2018-та.

Опасен раст бележат и на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, Твитер и Јутјуб, каде од јуни минатата година биле околу 50 милиони, а сега се 84 милиони фанови.

Со оваа бројка се четврти зад Реал Мадрид (249 милиони), Барселона (246) и Манчестер Јунајтед (129).

Брендот Јувентус расте ли расте откако го ангажираа Португалецот.

17 октомври 2019 - 16:28