Доделувањето на пехарот се враќа на теренот, симнете се долу

Новиот претседател на УЕФА, Словенецот Александар Чеферин донесе одлука со која се менува решението на Мишел Платини од 2007-ма, на победниците во Лига на шампиони и Лига Европа пехарот да им се доделува горе на трибините.

Капитените на победничките тимови веќе нема да мораат да искачуваат сто скали до ложата на трибините за да добијат медали и да го подигнат пехарот.

„Теренот е сцена за играчите и исправно е нивните успеси да се прославуваат таму. Пораката што сакаме да ја пратиме е дека и раководните луѓе од управите ќе треба да се симнат од трибините на теренот за да ги испочитуваат играчите кои ги заслужиле медалите и пехарот на теренот“, вели првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин.

Одлуката стартува уште од сега, па така трите финалиња на европските купови: Лига Европа на 24. мај во Стокхолм, женска Лига на шампиони на 1. јуни во Кардиф и 3. јуни на машка Лига на шампиони исто во Кардиф. Извесно е дека ваквата одлука ќе важи и за мечот од Супер Купот кој во август ќе се игра во Скопје.

Се до 1994. година пехарот на Лигата на шампионите се доделувал на трибините (последен што така прославил бил Милан во Атина 1994). Потоа се доделуваше на теренот за во 2007-ма Мишел Платини да им ја врати привилегијата на ВИП личностите во ложата, наместо на играчите.

„Сите присутни навивачи на стадионот ќе имаат подобар поглед на доделувањето на трофејот, а најдобро е и за телевизискиот пренос, за гледачите пред телевизија. Истата одлука ќе го опфати и Европското првенство 2020. Играчите ќе можат да слават на теренот со нивните соиграчи пред очите на навивачите без да мора да им се прекинува славјето додека се качуваат на трибина. Кога пехарот ќе се крене кон небото, гледачите ќе имаат перфектен преглед независно во кој сектор на стадионот седат“, заклучува Чеферин, Словенецот кој ја доведува во ред УЕФА по скандалите на Платини.