Да го делиме колачот рамноправно, инаку нема фудбал

Шпанските прволигаши треба да потпишуваат нови договори за телевизиските права, но доколку тие се прават по стариот модел, а тоа е пола да оди кај Реал и Барселона, тогаш ништо од бизнисот.

Претседателот на Еспањол со поддршка на уште неколку шпански клубови се заканува дека ќе штрајкува, доколку владата не донесе закон за колективно и фер распредувале на парите за тв правата од лигашките натпревари.

Веќе е познато дека најголемиот дел од парите одат кај најмоќните, а тоа се Барселона и Реал Мадрид кои земаат нешто помалку од половина од вкупната сума од 650 милиони евра, која е предвидена за сите 20 екипи.

„Сè уште имаме една нечесна ситуација со Реал и Барса кои заработувааат како никој друг во Европа. Сегашните договори за тв правата истекуваат и бидејќи законот не е одобрен, нема да преговараме за нови. Разговарав со раководните луѓе на неколку клубови, како на пример со Валенсија и подготвени сме да одржиме ново собрание“, вели првиот човек на Еспањол Хоан Колет.

Примера дивизион е единствената лига од најсилните пет во Европа каде клубовите самите преговараат и потпишуваат договори за своите тв преноси кои ги поседува телекомуникацискиот гигант од Барселона, Мадиапро.

Според најновиот договор во Англија, Премиер лигата од Скај Спортс и Бритиш Телекомуникации доби 5,2 милијарди фунти за емитување на преноси од 2016-та до 2019 година, а парите во клубовите се распределуваат во зависност од позицијата на табелата.

Пресметките на консалтинг фирмата од Барселона, Прајм тајм Спорт покажуваат дека тимот кој заработува најмалку пари од тв права во Премиер лигата, зема 106 милиони фунти по сезона, а во Шпанија 11 милиони, додека Реал и Барса земаат по околу 110 милиони фунти.

Многу клубови од Примера како Еспањол, Валенсија и Севиља сметаат дека колективните договори за тв права ќе им овозможат да бараат повеќе пари од телевизиските куќи, а со фер распределбата ќе се подигне и нивото на игра во лигата.

Колет обвини дека доцнењето на законот доцни од политички причини и рече дека за разлика од Барселона која е подготвена да прифати промени, Реал Мадрид има спротивен став.

12 февруари 2015 - 14:42