Чудесниот Пако кој замина од Барселона и дава гол на секои 27 минути

Го држеа на клупа со месеци и Алкасер не можел веќе да издржи затоа што без играчко време не бил среќен па решил да замине од „Камп Ноу“. Се испостави дека одлуката да потпише со Дортмунд беше неверојатна затоа што Пако руши рекорди во Германија.

„Конечно, среќни сме што Алкасер заигра за Борусија. Требаше да се опорави од повредата и сметавме дека ќе му треба време за адаптација. Никој не можеше да помисли дека ќе даде 6 гол на само 81 минута одиграни во Бундеслига. Тоа е фантастика“, изјави спортскиот директор на Дортмунд Михал Цорк.

Нападот на лидерот во Германија е чудесен. Марко Ројс (по системот гол+асистенција има 6 поени), Џејдон Санчо (најдобар асистент во Топ5 лигите со 6 асистенции) и Пако Алкасер (најдобар стрелец со 6 гола).

Тимот предводен од Лусиен Фавр дава по 3,2 гола во просек по натпревар и нема пораз во Бундеслига (замислете Баерн веќе два пати е поразен).

Во нападот на „милионерите“ учествува и голманот Бурки кој има една асистенција за гол. Во првите 7 кола Дортмунд постигна 13 гола а необично поефикасни се фудбалерите кои тргнуваат од клупата за резерви па влегуваат во игра наместо стартерите.

***

Уште една особеност на новиот тим на Дортмунд е борба до последна секунда - нешто што го немаше лани. Речиси пола од головите сезонава во сите натпреварувања (14 од 29 погодоци) Борусија ги дала во последните 15 минути од мечевите.

Ројс игра во улога на класична десетка: „Сакам да играм на таа позиција. Благодарение на нашите брзи крила и напаѓачи пред мене секогаш има неколку варијанти за додавање. Лесно излегуваме од пресинг или почнуваме контранапад со две додавања. Плус покомфорно ми е да се приклучувам од длабочиа“, вели германскиот репрезентативец.

Но јунак на приказнава е Пако Алкасер, центарфорот кој во репрезентацијата на Шпанија го немаше две години а сега е прв избор на новиот селектор Луис Енрике.

Во првиот меч во дресот на „црвената фурија“ по враќањето во репрезентацијата, Пако постигна два гола на гостувањето кај Велс иако одигра само 30-ина минути.

Сега статистиката на Алкасер е страшна:

- Во Бундеслига за 81 минута има 6 гола;
- Во Лига на шампиони за 90 минути има 1 гол;
- За репрезентацијата на 73 минути има 2 гола.

Во просек Пако Алкасер дава гол на секои 27 минути.

Ваквата форма на Алкасер им овозможува одлични настапи и на соиграчите па така крај него блесна и малиот Џејдон Санчо кој пред неколку дена стана најмладиот дебитант за Англија (против Хрватска во Ријека).

Вечерва Санчо и Пако ќе играат еден против друг во Лига на нации на мечот Шпанија - Англија на стадионот „Бенито Вијамарин“ во Севиља.

„Од клупата влегува фудбалер кој за пола час прави хет-трик при што го постигнува победничкиот гол од слободен удар во 96’ минута (на последниот меч од Бундеслига против Аугзбург). После тоа ме прашувате како сум задоволен од Алкасер? Одговорот е ваков: тоа е нај, нај, најдобриот наш трансфер“, рекол тренерот Фавр за Пако и продолжил:

„Многу го разбира фудбалот. Не треба да му објаснувам кога да шутира во гол а кога да ја враќа топката назад. Ги има сите квалитети за еден добар напаѓач: брз е, интелигентен, знае кога да тргне на гол.“

****

Во 1963 година Герт Дерфел од Хамбург бил последниот фудбалер кој постигнал 6 гола во првите 3 кола од Бундеслигата но Германецот тогаш ги играл сите натпревари од почеток до крај а Пако играше само 81 минути.

Навивачите на Дортмунд се шегуваат дека ако Пако го држи ова темпо до крајот на сезоната ќе даде 180 гола. Алкасер е модерен центарфор кој повеќе потсеќа на Левандовски отколку на Обамејанг. Иако е висок 175 сантиметри, Алкасер неретко ги добива сите воздушни дуели во противничкото поле.

Управата на Дортмунд веќе испрати понуда до Барселона за откуп на договорот која Каталонците ја разгледуваат. 

Пако Алкасер е фудбалер под договор со Барса а во Дортмунд не сакаат да ги повторат грешките со Левандовски, Дембеле и Обамејанг кои одбиваа да тренираат и бојкотираа средби со тимот само за да испровоцираат продажба во поголем клуб.

Пако е поинаков - тој никогаш не бил на „дисциплинска“. Тренерот на младинците на Валенсија Висенте Мире вели: „Пако прв доаѓаше на тренинг и точно знам дека во Барселона никогаш не бил проблематичен. Кршење на правилата не е во негов стил“.

Алкасер е роден во Валенсија а за главниот клуб од овој град дебитираше на 17 години во 2010 кога Унаи Емери „го фрли во оган“.

Гери Невил кој имаше кратка и мошне неуспешна авантура во Валенсија, на 22 години го стави Алкасер капитен на тимот од „Местаља“. Надвор од теренот Пако работи како амбасадор на UNICEF, учествува во фотосесии на некомерцијални организации, помага на деца со Даунов синдром и посетува болници во разни хуманитарни акции.

„Не знам што ќе се случеше ако останев во Барселона, но фудбалер мора да има самодоверба. Таа самоувереност се стекнува само со играње што повеќе време. Ја напуштив Барса за да бидам среќен. Сега во Дортмунд ги живеам најубавите моменти во кариерата“, рекол Алкасер по преминот во Германија на позајмица.