Човечноста на Меси кога ја победиле Алмерија 0-8

Една саботна вечер на 20. ноември 2010 година Барселона гостувала кај Алмерија во рамки од шпанската Ла Лига и до врв ја наполнила мрежата на домаќинот. Една анегдота од тој натпревар прераскажал Колумбиецот Фабијан Варгас.

Барселона допатувала во најсилен можен состав, со Меси, Пујол, Чави, Иниеста, Пике, Давид Виља, Бојан и многу други ѕвезди.

За Алмерија играл и поранешниот колумбиски репрезентатиец Фабијан Варгас кој открил необична анегдота во разговор за колумбискиот La Pais. Во тој период во Колумбија имало катастрофални поплави, имало жртви а луѓето претрпеле и многу големи материјални штети.

Во убедливиот триумф, Меси постигнал хет-трик, Бојан Кркиќ дал два гола, а по еден Иниеста, Педро и автогол на Акасиете.

„Пред мечот, некои пријатели од Колумбија ми се јавија и побараа да го дадам дресот на аукција, со цел да се соберат средства за жртвите од поплавите во мојата земја.

Искористив прилика што играме против Барселона, па се сетив да побарам уште некој дрес. Отидов до кај Лео (Меси) пред мечот, му раскажав за ситуацијата и побарав ако може да ми го даде дресот за аукција“, раскажал Варгас.

Како што одминувал мечот, Алмерија примала голови како од шега, а на крајот на семафорот стоел резултатот 0-8. Варгас бил толку бесен и кивен на себе и на соиграчите, што по судиската свирка само тргнал кон соблекувалната и заборавил целосно и на разговорот со Меси и на дресот.

„Го напуштив теренот многу лут па заборавив на муабетот. Но додека бев во соблекувалната, нашиот гардеробер влезе и ми кажа дека надвор ме бара некој да ме види. Кога излегов, го видов Лионел Меси.

Држеше мал ранец. Се сеќавам дека рече: „Гледај, овде собрав неколку дресови колку можев. Му се заблагодарив многу и го гушнав. Помислив дека внатре има само негови работи.

Кога се вратив назад и го отворив ранецот, внатре не беше само дресот на Меси туку и на Чави, Иниеста, Дани Алвес, Пике и Пујол.

Никогаш нема да го заборавам тој гест. Му посакувам и натаму да урива рекорди. Поради тој гест кон мене, секогаш ќе му посакувам најдобро“.