Чекајте малце директорот да каже нешто

По пауза од 5 години, Ајакс повторно завладеа во холандскиот фудбал. Синоќешниот убедлив триумф над Де Графшап на гости во последното коло му донесе предност од 3 бода пред ПСВ и со тоа се спушти завесата во холандското првенство. Извршниот директор на клубот Едвин ван дер Сар побара збор за време на славјето, а потоа се претвори во навивачки воџа.

За Ајакс ова ќе биде незаборавна сезона бидејќи прво го освоија Купот, потоа првенството, а скроз неочекувано стигнаа и до полуфиналето во Лига на шампиони каде ги елиминираа Реал Мадрид и Јувентус.

Жалеа овие момци за пропуштената шанса против Тотенхем бидејќи беа со една нога во финале, но сепак се кренаа и ја вратија домашната титула во Амстердам која претходно ја имаа освоено во сезоната 2013/2014.

За Ајакс ова е титула број 34 во холандскиот фудбалски шампионат, ПСВ има 24, а Феенорд 15. Уште еден показател за нивната доминација е ефикасноста. Сезоната ја завршија со дури 119 голови на 34 средби или во просек 3,5 по натпревар. На 24 април стигнаа до уште еден нов рекорд.

Ова ќе биде сезона за паметење не толку поради освојувањето на двојната круна, туку по нивната модерна, офанзивна и убава игра со која стигнаа до сензационални резултати во најелитното клупско европско натпреварување.

Од овој многу компактен тим во кој владее спој на страшно талентирана младина и искуство излезе кадар кој допрва треба да му пркоси на европскиот фудбал. И покрај тоа што сите во тимот сезонава се херои, сепак мора посебно да им го издвоиме лидерот Душан Тадиќ кој ја заврши сезоната на челната позиција на стрелци со 28 гола, исто колку што има и Лук де Јонг од ПСВ.

Тука се нормално и извонредниот Френки де Јонг кој следна сезона ќе го гледаме во дресот на Барселона, како и Матијс де Лихт, Хаким Зијеш, Дони ван дер Бек...кои веројатно ќе лапаат јаки трансфери.

Иако до стартот на следната сезона има уште многу, Де Јонг веќе е возбуден што ќе игра заедно со Меси.

ПСВ како втор ќе игра во квалификациите за ЛШ, а Феенорд и АЗ Алкмар обезбедија пласман во Лига Европа.

16 мај 2019 - 12:58