Анегдотата за Милан кога го барал штипјанецот Шекуларац

Една од најголемите легенди на Црвена Ѕвезда и југословенскиот фудбал почина синоќа во Белград на 81 годишна возраст. Имаме јака приказна за него, која од Вардар наеднаш се префрла на славниот Шеки за кого сонувале и во Серија А.

Анегдотата за Драгослав Шекуларац ни ја раскажа Ивко Панговски, нашиот човек – енциклопедија за историски фудбалски приказни, кој знае работи за фудбал кој ги нема ни на интернет. Ова ќе му дојде нешто како две у едно. Поентата е пред сè Вардар, ама и ова со Шеки е јако.

Вака оди:

Неколку месеци по земјотресот во 1963 година во Скопје по лична препорака на тогашниот технички директор на скопскиот прволигаш Хуго Рушевљанин, делегација на Вардар отпатува во Милано со овластување да го покани европскиот шампион Милан да гостува во градот на солидарноста и да одигра натпревар во хуманитарни цели со домашниот Вардар кој не беше поштеден од големата катаклизма.

Делегацијата на Вардар во која беа генералниот секретар Борче Неделковски и познатиот фудбалски работник Богдан Блажев Енглезот, по пристигањето во Италија отидоа на средба во просториите на Милан каде домаќините со големо внимание ги пречекаа. Со нив уште на почетокот беше остварен договор, Милан во слободен клупски термин да гостува во Скопје. Додека се утврдуваа деталите за гостувањето, во просториите влезе познатиот менаџер на клубот Мацино со бланко чек во рака. Откако му го предаде чекот на претседателот на клубот тој се обрати кон гостите: Еве ви бланко чек. Напишете колкава сума сакате. Секоја сума ќе ви ја прифатиме само во клубот да го донесете Драгослав Шекуларац. Тој е опсесија на нашиот клуб.

Вардарците по кратко време молчење прозбореа: Шеки е фудбалер на Црвена Звезда од Белград, Тој не е фудбалер на Вардар. Претседателот на повеќекратниот шампион со повисок тон ги пресече и двајцата соговорници. Го знаеме тоа. Знаеме дека Шеки ги брани боите на белградска Црвена Звезда. Меѓутоа убаво знаеме дека тој е роден во Штип, во Македонија, па може Вардар да го употреби својот авторитет оваа легенда да го облече нашиот клупски дрес.

За среќа по подолго меѓусебно убедување победи разумот кај домаќините дека Вардар е немоќен да помогне во трансферот на Шеки за кого буквално плаче клубот и неговите навивачи.

Откако заврши овој не толку пријатен разговор претставниците на Милан едногласно прифатија да му бидат на спонзор на Вардар и како прва помош да му донираат неколку клупски опреми со кои по многу многу години скопскиот тим кој настапуваше во сини дресови и штуцни, а бели гаќи, клупската боја ќе треба да ја замени со црно-црвено дресови и црни гаќи и црвено-црни штуцни.

6 јануари 2019 - 09:05