45 години наполни „пит-булот“ Едгар Давидс

„Си лета времето“ е првата помисла на навивачите на Ајакс, Јувентус и Барселона кога му честитаат роденден на еден од најомилените нивни фудбалери во клупската историја.

Едгар Давидс е идол на цела една генерација. Играч од средниот ред кој тураше глава кај што некој не смее нога - затоа и му го наденаа прекарот „пит-бул“.

Давидс во младоста настапуваше за легендарниот тим на Ајакс заедно со Блинд, браќата де Бур, Јари Литманен, ван дер Сар и Кану.

Со „Копјаниците“ од Амстердам три пати ја освои титулата во Холандија, два пати Купот на оваа земја, по еднаш Купот на УЕФА и Лигата на шампионите.

Од Амстердам се пресели во Торино и во дресот на Јувентус ја докажа својата класа. Освои три скудета, Интертото Куп и два супер Купа на Италија. Ретко кој не ја памети култната реклама на Nike каде Едгар ги става своите препознатливи наочари:

Во однос на заштитните наочари, малку е познато дека Едгар во 95-та година ја повредил главата. После неколку години му дијагностицирале глаукома и сериозно му била загрозена кариерата.

На крајот тој решил да игра уште но морал под еден услов - само со заштитни наочари.

Специјалниот совет на ФИФА тогаш направил отстапка откако Холанѓанецот им напиша отворено писмо со барање да му дозволат да игра фудбал со наочари. Светот на фудбалот го памти по нив. Давидс носеше наочари како легендата на НБА Карим Абдул-Џабар.

Во меѓувреме заболувањето се повклекло но Давидс се навикнал на очилата и продолжи да игра со нив до крајот на кариерата (а ги носел и надвор од теренот).

Последниот меч на Пит-булот беше за англискиот Барнли каде не ги повтори партиите од младоста кога беше најжесток на теренот и добиваше црвени картони.

Сега Давидс во слободно време шета по светот и изгледа добро.