Учиме за Палома Пикасо

Пред години, Палома Пикасо била на ручек со пријател во њујоршки ресторан и видела една жена како ѝ намигнува. Збунета, но сигурна дека жената сигурно не флертува со неа, продолжила со разговорот. Жената тогаш уште еднаш конспиративно ѝ намигнала. „Ја погледнав и сфатив дека носи мои менѓуши и сака да ми каже дека сме поврзани,” се сеќава ќерката на Пикасо, другарката на Ворхол и најпопуларната дизајнерка на накит за Тифани.

Инаку производ на љубовта (и вонбрачната афера) на Пабло Пикасо и Франсоаз Жило, Палома Пикасо со децении предизвикува едно обожавање кај жените. Некои од најуспешните колекции на Тифани се со нејзините храбри и сензуални дизајни, со употреба на драги камења во разни бои.

На свои 69 години, зрачи со лесна грациозност и елеганција. Често се смее, најчесто кога споделува приказна за сопствените неволји. Го носи сопствениот накит. Англискиот ѝ е течен, иако на моменти се истрчува француски акцент.

Додека растела во Париз, била фасцинирана од накит, особено кога сфатила дека накитот има моќ да биде сурогат на неискажани емоции. Нејзиниот дедо по мајка ѝ го дал првиот таков подарок, кога имала седум години. „Беше многу строг човек. Малку се плашев од него затоа што беше многу побуржоазија од татко ми, кој пак беше многу поразигран и послободен. Дедо ми имаше мали мустаќи и кај него сè беше посериозно,” вели таа. „Еднаш отиде во Венеција и ми донесе менѓуши во вид на мали цветчиња во бело мурано стакло и бев воодушевена.”

Наскоро потоа, Пикасно почнува да лута низ париските бувљаци, претурајќи по корпи во потрага по материјали за себе. „Имаше едно место што продаваше монистри - илјадници монистри и камчиња. Монистри правени од дрво, од стакло, милион ситници имаше. А јас сакав да си направам нешто за себе.”

Иако самопрогласена машкуданка, со накитот добила самодоверба и внатрешна, тајна радост. „Паметам, одев во школо - не смеевме да носиме накит - а јас дискретно си додавав. Си правев мали ланчиња што ги носев под алиштата и никој не ги гледаше, но ми одговараа со чевлите, или со нешто друго, само на мое задоволство.” Накитот ѝ овозможил емотивно поврзување и тоа ѝ било многу важно.

Како ќерка на еден од најпознатите уметници во светот, не сакала професионално да се бави со сликање и сметала дека да оди по стапките на татко и само би водело кон неизбежни и бескрајни споредби.

Кај своите родители видела дека да се биде уметник е многу захтевна работа, особено кога нема граница на тоа што може да се создаде. Свесно избира да продолжи со дизајн, патека која ѝ се чини помалку изолирачка и што има вградени ограничувања. „Ако направам парче накит, не само што мора мене да ми се допадне, туку и на некоја друга жена што ќе го купи и ќе го носи,” вели Пикасо. „Тоа ми помогна да изберам накит, наместо сликање или скулптура, затоа што малку помага со притисокот да се биде ќерка на Пикасо.

„Палома во сино”, Пабло Пикасо

На 16 години, Пикасно го доживува настанот што ќе ѝ го промени животот - десет години пред да почне да работи за Тифани. Го среќава идниот директор на дизајн на Тифани - Џон Лоринг во Венеција, во куќата на Пеги Гугенхајм.

Самоука е, а една година и студирала креирање накит за да „ги научи основите, за да ги прави сопствените примероци.” Потоа дизајнирала и за Сен Лоран и за Золотас. После смртта на татко ѝ во 1973-та, запрела на кратко со кариерата, за да помогне да се отвори музејот Пикасо во Париз, посветен на неговите дела. Во доцни ’70-ти, се јавува Лоринг. Тифани го бара да биде директор на дизајн, а наскоро после тоа, тој ја прашува Палома дали сака да се придружи на елитната група дизајнери на Тифани, заедно со Џин Шлумбергер и Елса Перети. Првата колекција ѝ е во 1980-та.

Меѓу првите славни дизајни за Тифани и се „Х” менѓушите, универзалниот симбол за бакнеж, со златно и сребрено. Буквата ја избрала затоа што сметала дека срцињата се „преслатки. Сакав помодерен, поцврст начин да се каже ‘Те сакам’,” вели таа.

Работи главно со сребро и злато, но го проширува репертоарот на денот кога од Тифани ѝ го отвораат сефот со драги камења и ѝ ги даваат на користење. „Ова е преубава и вистинска приказна,” се сеќава Пикасо. Имало камења од сите бои и форми, оставени за она да си игра со нив. Веднаш добила инспирација. „Почнав да ги допирам камењата, ги држев меѓу прстите. Си велев, одлично изгледаат, овие две заедно. Мислам дека беше син топаз и рубелит. Друга комбинација беше зелен турмалин и аметист, што ги ставив на прстен и ѝ го дадов на мајка ми, еден од првите.”

Некои деца прв пат се запознаа со парфемот Палома Пикасо од овде :) Кој памти?

Патем, мајка и, Франсоаз Жило, сликарка, муза и девојка на Пикасо е уште жива и има 96 години. Немој некој да пробувал да нè убеди дека живеела здраво и јадела тонус леб и чија семе.

На прашањето дали тенденцијата кон камења во боја има врска со љубовта на татко ѝ за боите, вели не. „Секогаш сум се обидувала да ја одвојам мојата работа од неговата. Мислев дека е така правилно. Луѓето веќе ме поврзуваат со него цело време, и сакав што и да правам, да биде мој свет и да нема влијание од неговиот. Го почитувам, ама не сакам да играм на таа карта.”

Иако сè уште ја препознаваат, не ѝ фалат деновите кога нејзиното лице со драматична шминка на очи и црвени усни излегувало од секое списание и автобуска станица по огласи, заради нејзиниот неверојатно популарен парфем, Палома Пикасо, кој го извади во 1984-та.

Долго пред да инспирира цела сопствена линија на кармини, Мон Руж, ги носела овие упадливи бои за да ги држи луѓето подалеку од себе. „Бев неверојатно срамежлива и мислев дека ако ставам црвен кармин и темно на очи, луѓето ќе се плашат од мене и нема да ми се доближат и да сфатат дека јас се плашам од нив,” раскажува Пикасо. Црвениот кармин бил толку важен дел од неа, што не излегувала од дома без него. „Дваесет години, секое утро станував и ставав црвен кармин.”

Еден ден, во деведесеттите, излегла без него. Слушнала како луѓето шепкаат по улиците дека мислат дека е таа, но не се сигурни затоа што усните не ѝ биле црвени. „И си реков, ‘Аха! Интересно.’ Малку по малку, престанав да го носам.”

Овие денови, Палома Пикасо е задоволна што нејзиниот дизајн ја претставува, инспириран, како и секогаш од движењето на накитот и како нејзините парчиња работат во хармонија со оној кој ги носи, никогаш поинаку. Секој детал е важен.

13 јуни 2018 - 09:06