Треба да знаете за Shaleva Couture

Shaleva е париски бренд за специфични парчиња со неколку колекции зад себе - и притоа - човек тешко може да спои една колекција со друга, без разлика што доаѓаат од истиот дизајнер. Можеби затоа што една знае да биде романтична, цветна и бисерна, а другата класична француска елеганција и да немаат врска меѓу себе, а сепак ги спојува креаторот на брендот - Душица.

Името го немав сретнато, сè додека не ми прошета на Фејсбук еден crowdfunding линк, каде што се објаснува дека малиот париски бренд со рачно изработени парчиња и многу посветеност, спрема нова колекција и работи на средствата за таа да се изведе. Нова колекција значи уште еден столб при изградбата на брендот, а некако фино звучи што има наш човек таму, што создава на исто место каде што создаваат големите имиња.

За себе, брендот вели:

„Shaleva е дел од богат, уметнички универзум. Во режија на креаторот, Душица Петит, креациите на Shaleva отелотворуваат врвна француска изработка. Стилот дозволува жената да се чувствува уникатна, привилегирана и исклучителна. Жената облечена во Shaleva е моќна, феминистка и сака да биде единствена. Важен е квалитетот на креацијата наспроти квантитетот и секое парче е создадено во Париз.”

Ако ви текнува уште од текстот со видео: „Има ли спас од брзата мода?”, малите дизајнери (мали, како помали од титаните Диор, Шанел и слични), инсистираат да се знае дека нивните колекции се создадени во етички услови и на домашна територија, наспроти масовното производство во земји како Кина, Индија и слични. А ако чуете што има да се каже на видеото, ќе ви стане јасно и зошто.

И Душица работи во Париз

Не сум сигурна дали сме виделе нешто нејзино во Скопје, ама Франција и Кина ја имале таа чест. Кина била и до тој степен почестена, што на меѓународен натпревар за млади дизајнери во Пекинг, каде што ја претставува Франција, Душица добива прва награда.

Возбудливо е што нејзината колекција French Elegance, воопшто не се движи по стереотипните параметри за како треба да изгледа една француска жена. Напротив, креациите се едно лично доживување на француската елеганција, инспирирани од барок онаму каде што стварно го имало, и главно црни, за да може вториот збор од името на колекцијата да добие достојно претставување.

Каква ќе биде новата колекција?

Графичка и монохроматска, со парчиња што сигурно привлекуваат внимание, и со едни прејаки маици што сигурно ви требаат, сето тоа замислено со високи, out-of-this-world патики. Искрено, како што ќе каже Мортиша Адамс,

па затоа, супер ми е што баш првата, high-end, спремна-за-носење колекција на Shaleva ќе биде црно-бела со по некоја ситна боја колку да засветка.

Што и не е така изненадувачки за дизајнер чии што аспирации, покрај тоа што се движат кон имање сопствена модна куќа, се јасно насочени кон соработка со Лагерфелд. А знаеме колку Off Cafè го сака Лагерфелд.

Shaleva имате на Инстаграм и на Фејсбук, а и на сајт, каде што можете да разгледате како работи.

11 април 2018 - 15:43