Татко ѝ на Меган Маркл не чини

Или барем така излегува после сите интервјуа што ги исподаде и сите папараци фотографии што ги наплати. Фино е да се мисли дека човекот само сака да ѝ привлече внимание на ќерка му, ама после сите глупости, излегува дека само сака да привлече внимание и точка.

Кога се објави дека Меган Маркл ќе се мажи за принцот Хари, сите очи (и објективи) се свртеа кон неа и сè што ја опкружуваше. Ова важеше и за Томас Маркл, симпатичниот татко за кој светот нежно воздивна, гледајќи ги слатките фотографии каде што тој се обидува да учи за Велика Британија, или гледа слики од ќерка му и новиот зет.

Брзо после тоа, се дозна дека сликите се местени, па од сладок татко, медиумите го прозваа како пијавица. Едно време ќе ја носеше Меган до олтарот, па два дена пред свадбата се предомисли.

А така симпатично и наивно изгледаше ова.

Од тогаш не престана да дава интервјуа и да продава информации за ќерка му, упорно изигрувајќи жртва, на што Меган, според кралскиот протокол не смее ни да му одговори.

Прво, во ексклузивното интервју за Дејли Мејл, Томас реши да биде жртва и да изјави дека мажите во неговото семејство не доживуваат 80 и дека „На Меган може ќе и биде полесно ако умрам.” Па после тоа, до крајот на истото интервју, од таа скромност, се претвори во его-манијак и изјави „Ме нервира тоа чувство на супериорност кај Меган. Ништо не би била без мене. Јас ја направив војвотката што е денес. Сè што претставува Меган сум го направил јас.”

Продолжува со тоа што веќе кажа дека нема да престане да ја издава по новини додека семејството не најде начин да му удоволи. Не морало пари, ама барем признание дека е вреден за времето на ќерка му.

И додека трае оваа грдосија од скандал, на војвотката ѝ стига поддршка од сите страни. После интервјуто за Дејли Мејл, Celebitchy го нарече токсичен нарцист, кралскиот експерт на Дејли Мејл рече дека „Меган не треба ни да му прозбори,” а Криси Тајген твитна „Ликов… ликов е за никаде.”

Томас тврди дека го интересира ќерка му, а сепак прави сè што е во негова моќ да ја оштети емотивно. Неговата желба да биде постојано центар на внимание и да продолжи да биде дел од новиот, кралски живот на Меган излегува потешка од љубовта што можеби ја чувствува кон неа.

Тука пишува како помина свадбата, со сите потребни (а без непотребни) детали. А за да се потсетиме што значи влијателност - Те облече ли Меган Маркл - на коњ си.

7 август 2018 - 09:09