Тајната за прифаќање на сопственото тело: не го тупи

„Добро изгледам, кожата ми е добра, телото ми е фино.”

Вака кажа Деби Мазар во едно интервју со The Cut. Како читаш, така се чудиш колку странски звучат тие зборови.

Телото ми е фино.

Во случај да не ви текнува од кај ви е позната, Деби Мазар беше онаа лошата со прозирно-плави очи од Бетовен 2. Сега игра во една забавна серија, Younger, и таму е прејака, а нејзиниот лик го отелотворува баш овој став кон животот и сопствениот изглед.

Обично жените ретко се осмелуваат да си дадат комплимент за физичкиот изглед. Знаат на пример да си пофалат еден дел од телото, ама никогаш цело. А разликата е голема, од пофалба на целокупниот изглед до гледање „среќа во несреќа”, нели, „убави очи имам, ама носот…”

Муабетот „дебела сум” не е ништо ново. Дури и тие што се задоволни од изгледот се опасно испраксирани спремно да се исплукаат ако разговорот тоа го бара, само за да не бидат нарцисот во друштво, или да се солидаризираат со некоја разочарана од самопрогласените дебели глуждови.

Затоа, зборовите на Мазар се како некој да ти фрлил пијачка во фаца, затоа што, замислете, се осмелила не само да го прифати, туку и да се восхитува на нејзиниот физички изглед, без фејкерски муабети, и не само тоа – туку и го кажува тоа со една невидена ноншалантност.

„Фино” е вербален еквивалент за кревање раменици. Збор што се користи апатично, за карактеризирање на нешто што и не некоја посебно важна вест. Се користи кога не ти текнува на друго, силно чувство, позитивно или негативно за она што треба да го опишеш. И затоа нежната индиферентност на Мазар всушност делува радикално. Како да сака да каже „Што сте запнале?”

Овој став, неодоливо потсетува на Медитација на идејата за неутралност во врска со телото, на Роми Олтуски.

„Да бидеш неутрален во врска со твоето тело значи прифаќање и сакање на себеси, обид да го спречиш рефлексот на постојано судење на сопствениот изглед, позитивно или негативно,” пишува таа. „Ако мотото на body positivity е сакај се себеси, овде повеќе би било: не го тупи.”

Останува нагонот да си судиме во огледало, и тоа ненамерно и инстинктивно, како кивање. Како и да е, ако може да послужат и Деби Мазар и Роми Олтуски како инспирација и пример, ред е да стануваме со нова мантра:

Помалку мислење, повеќе кревање раменици.

Ќе треба време, ама се учи. И фино е.

12 октомври 2017 - 10:52