Што толку муабет имаат Линдзи Лохан и Мохамед Бин Салман?

Вакво прашање поставува Дејли Бист, со оглед на тоа што, без разлика што едно време имаше повеќе квалитети, често и се случува да не ги процени работите како што треба

Се појавуваат гласини за пријателство меѓу Лохан и крунисаниот саудиски принц Мохамед Бин Салман (познат и по иницијалите МБС) - заради сите наводни активности што може да се имаат кога се дружиш со саудиски принц - шетање со приватни авиони, завиткани кредитни картички како подарок и други работи што на обичниот човек со македонска плата не му се баш од прва рака познати.

Инаку, кралството на МБС, како што знаеме, функционира според цврста и репресивна муслиманска идеологија и дури лани дозволи жени да возат. Принуден беше и да признае дека негови оперативци брутално убиле новинар на Вашингтон Пост, Џамал Кашоги.

И, ќе праша Дејли Бист, откако ќе се потрошат темите за „Злобни девојки”, што уште муабет имаат Лохан и лидерот на пустинското кралство вредно милијарди долари?

Затоа што, многу брендови се згадија од саудиските пари откако Кашоги беше убиен.

И дали,

„му кажала за една од главните поенти на Џенис од „Злобни девојки” дека ‘Има два типа на зли луѓе во светот. Тие што прават зло и тие што гледаат како се прави и не прават ништо за да го спречат тоа.'?”

Според таткото на Линдзи Лохан, кој кога не е во затвор се шлепа на славата на ќерка му, пријателството е „платонско и полно со почит”.

„Само пријатели се, Линдзи има многу моќни пријатели на Блискиот исток затоа што е многу популарна таму. Линдзи се сретна со МБС заради нејзиниот труд на Блискиот исток - им помага на луѓето во тој регион, особено на бегалците.”

Додава и дека

„Никој не пишува за добрите дела на Линдзи во Сирија. Им се слуша само за лошите работи. Има платонски однос со МБС и ништо повеќе.”

На прашањето дали е загрижен што Линдзи се дружи со човек обвинет за затворање на членови на неговото семејство (детално за тоа тука) и нарачување на убиството на Кашоги, Мајкл Лохан вели, „Ништо од тоа не е докажано.”

И навистина, убиството на Кашоги го опишаа како „операција што тргнала наопаку”, и дека принцот немал никаква врска со тоа, но, од ОН објавија извештај дека - па, имал малку врска.

Во случај да сте се запрашале „каде е и што прави”, Лохан последниве години поминува многу време во Дубаи, каде што се уште има огромен број на луѓе што ја следат. Во 2017-та се сретна и со Ердоган, како дел од кампања за сириските бегалци и ја сликаа при посета на бегалски камп.

5 ноември 2019 - 04:06