Што ти се облациве вака… исти?

Една травел-блогерка со над 280.000 следачи на Инстаграм призна дека ги фотошопирала сликите на нејзиниот профил за да додаде облаци во позадина.

Се вика Тупи (Тупи, бе!) Саравија и е од Буенос Аирес. За Базфид објаснува дека користи апликација за да додаде или да истакне облаци на фотографиите ако апаратот не ја почитува доволно за да ги фати.

Прво, ја закачаа по цел интернет со додавање на скриншотови на дискусијата, затоа што… Како да не ја закачаш?

„Не ми се верува до кај стигна ова,” пишува Саравија во еден мејл со емоџиња што плачат од смеење. „Користев апликација што се вика Квикшот за да си помогнам со композицијата на фотографијата кога небото е ‘изгорено’ или преосветлено.”

Добро сега, да поправиш боја на небото и да додадеш облак не е исто, ама ако.

Инаку ако ви се ставаат исти облаци како на девојчево, Quickshot е бесплатна апликација и има алатка што се вика Sky Control, што всушност е за додавање облаци.

Саравија си го користела истиот пресет цело време. За волја на вистината, додава и дека секогаш е отворена за фотошоп, изјава веројатно инстаграмерски еквивалент на „немам ништо проти пластични операции”.

„Ах, интегритетот на инфлуенсерите”, се воздивнува во еден од многуте коментари.

Саравија уште се чуди „што е тоа толку страшно”, затоа што, како што вели, „Немам направено ништо лошо и не сум имала ни намера.”

Барем е искрена, за разлика од некои.

10 септември 2019 - 00:00