Што се крие зад „извинете што почекавте”

Текстов многу лесно може да се вика „Како работат шалтерите во државава”, ама ептен нема смисла, за мејлови е. А знаеме колку нашите институции се снаоѓаат со мејлови. И колку многу сакаат обична пошта, по можност испратена ден после рокот за обжалување.

Само размислете од кои се причини не сте вратиле веднаш на мејл. И нека ви текне дека и од другата страна има човек што не враќа веднаш, најверојатно од исти или слични причини.

*

Извинете што почекавте за одговор на мејлот. Го отворив на телефон, додека дечкото со кој бев на дејт беше во тоалет, но откако видов дека бара повеќе од да/не - одговор, видов дека ќе бара премногу работа, го маркирав како непрочитан и после го заборавив до овој момент.

*

Скроз мислев да одговорам на ова порано, но не го знаев одговорот на вашето прашање, и не се засекирав доволно за да прашам некого. Сега помина непријатно многу време и ќе ја ставам колешката во цц, да видам дали таа ќе се снајде.

*

Извини што почека! Го одлагав одговорот додека не се погоди уште подосадна задача и сега таа сакам да ја избегнам. Фала!

*

Извинете што дури сега одговарам. Има уште шест луѓе закачени на препискава и се надевав дека некој од нив ќе ви одговори, за јас да продолжам да си го живеам животот.

*

Уф! Првите два реда од нотификацијата изгледаа како да e само „Супер, фала”-мејл што не морам да го отворам, но сега гледам дека сте поставиле и прашање под „Супер, фала”. Можеме да се согласиме дека тоа ви беше доста глупо, па не ми е ни криво. Веројатно сте нашле некој да ви одговори до сега, но ако не, еве колешката ќе помогне.

*

Леле, баш не мислев да поминат 12 дена откако ми стигна мејлот. Не ти се чини понекогаш дека времето лета пребрзо, а во денот нема доволно часови за да се постигне било што? Како песоците на времето да еродирале до средината на песочниот часовник и сега слободно да паѓаат? Како и да е, да ти одговорам: да, можам во 3 попладне.

*

Океј, ми требаа значи, две недели да ти вратам и немам никаков изговор освен дека не ме интересираше тоа твоето. Сè уште не ме интересира, но се обидувам да создадам лажно чувство на продуктивност со чистење на инбоксот. Те молам не одговарај и не ми растурај. Еве и колешката ќе ја вклучам, ако имаш потреба да пишеш на некого.

*

Боже господе, извини, конечно одговарам на мејлов што скроз имав намера да го игнорирам засекогаш, пред да ми текне дека ми треба услуга од тебе, а не сакав да ми држиш лутина за неодговорен мејл.

*

Ми пиша мејл да ме прашаш за мислење и сакав да ти дадам многу детален, осмислен и речит одговор, па ти ставив ѕвездичка на мејлот. Со тек на време, тој стана маскота на моето нелогично но опресивно чувство на страв пред благо иритантни задачки. Жолтата ѕвездичка стана блескав сведок на товарот на модерното општество! Секој ден ме предизвикуваше да напишам одговор вреден за тоа колку време те терам да чекаш и секој ден си викав, „леле, не.” Но, денес! Денес ќе одговорам! Радувај се, трпелив пријателе! (Инаку, имам многу работа, па ова ќе биде нејасен, половичен одговор кој можев да го напишам минута откако ти го прочитав мејлот пред пет месеци). Извини!

*

Не ви звучи сè ова како упатство за работење во државна институција?

5 јуни 2019 - 12:01