Селин Дион и хеланките на ѓаволот

Селин Дион, е обвинета за промовирање сатанизам од неколку бизарни, глупи причини што ќе ве воодушеват.

Дион пушта нова детска колекција во продажба, и тоа не било каква - родово неутрална. Значи, решава да ги избегне тие розево-плаво категории и оди со неутрални бои, костурчиња како украс, букви, црно-бело и слично, и тоа звучи одлично. Мало бебе во црно-бела комбинација е пошик од мало бебе во бебешко розево или бебешко плаво.

Но!

Важно!

Еден американски свештеник ја обвинува за демонска намера, опишувајќи ја колекцијата како „дефинитивно сатанска.”

бу.

Цар!

„Убеден сум дека ова со половиве што се шири е демонско,” вели свештеникот Џон Есеф, кој исто така работи и како егзорцист во Пенсилванија. „Лажно е. Не знам ни колку полови има сега, ама знам дека Господ направил само два.”

Статијата каде што е интервјуиран ја обвинува Дион и за користење на окултна иконографија на самата облека, и еве го најјакото:

„Едни тренерчиња го имаат бројот 3 на едното колено, а на другото 6. Три шестки?” ќе праша статијата реторички, оставајќи го читателот сам да заклучи за колку ќе го продаде неговото дете на ѓаволот ако го облече во овие лукави тренерчиња.

„Кој би платил 77 долари за бебешко ќебе со черепи, или 161 долар за јакна што личи на ќеса за ѓубре” прашува авторот на статијата Пети Армстронг која веројатно никогаш не видела ревија на Баленсијага.

Селин Дион уште нема ништо искоментирано на темава, а претходно изјави дека колекцијата е со намера да можат малите и младите „да растат со вреднување на еднаквоста и со слобода да ја засилат моќта на сопствената личност, врз основа на взаемна почит.”

Што звучи далеку поразумно од идејата дека сеништа од пеколот ќе го манипулираат вашето дете преку кежуал, унисекс хеланки, но добро.

4 декември 2018 - 12:39