Се затвора „Колет“ во Париз, ама имате време до декември

Дваесет години откако се отвори, отскочната даска за многу млади дизајнери, и шопинг дестинацијата за локалци и туристи – Colette ги затвора вратите.

„Сè што е добро мора да заврши,“ разочарувачки почнува изјавата на нивниот сајт. „Колет ги затвора вратите на 20-ти декември.“ Причините се плановите за пензионирање на основачот, Колет Русо, која ја водеше продавницата заедно со ќерка ѝ, Сара Анделман и ја претвори во еден од најомилените модни и стилски семејни бизниси.

„Колет Русо дојде до еден момент каде што сака малку да забави, а Colette не може да постои без Колет,“ продолжува Анделман во еден телефонски разговор за Њујорк Тајмс. „Знам дека луѓето се чудат што го правиме ова, наместо да го продадеме брендот, затоа што вреди, но знаеме дека ако некој друг го води, нема да биде исто. Пораките што ги добивме беа многу и беа преполни со љубов.“

Затворањето на дуќанот, инаку Мека за нови дизајнери и дизајнери во развој, доаѓа во време кога кириите рипаат до таван, а потрошувачките навики се крајно непредвидливи. Сè повеќе луѓе одлучуваат да пазарат онлајн, плус Париз беше цел на терористички напади во последните 2 години, што многу влијае на туризмот.

А битен дуќан е. За 2016 на пример, приходите му се 28 милиони евра.

На три шарени спратови, Колет продаваше вечерни тоалети и смокинзи, па разгледници, патики, пенкалца и гаџети, сето тоа на површина од 750 квадрати. Беше една од првите продавници фокусирана на естетски животен стил, наспроти продажба на одредена категорија производи, и стана пример за еден поинаков дуќан.

„Колет беше прва станица на модните фаци, со инспиративна селекција на брендови, форми, материјали и микс на дизајнери. Ако те имало во Колет, тогаш си добар. Ако си лансирал производ, или си имал промоција на книга во Колет, тогаш не те препознава само модниот свет туку и меѓународниот моден потрошувач.

-Роберт Бурк

После Колет, остануваат други вакви концептуални продавници. 10 Корзо Комо во Милано, основана во 1990-та, се отвори на локации во Сеул, Шангај и Пекинг, а догодина и во Њујорк. Довер Стрит Маркет на Ком де Гарсон цвета, а британскиот matchesfashion.com се трансформираше со тоа што си го префрли бизнисот онлајн.

Крајот на ерата на Колет повлекува прашања за опстанокот на ваквите концепт-продавници кои акцентот го ставаат на откривање ствари и став. Колет на пример, никогаш не се пофалија дека имаат маркетинг план, со каков што често новите стартапи милуваат да парадираат.

„Знам дека е радикална одлука,“ вели Анделман, „Сепак, ни беше како бебе, беше многу лично и би сакале да остане едно прекрасно сеќавање, а просторот да се употреби за нешто ново.“

Ново не е, ама не чека многу – Сан Лоран веќе покажува интерес за просториите отворено. Франческа Белетини, извршен директор во Сан Лоран воодушевено ја признава историјата на Колет.

„Последниве 20 години, Колет е престижен проект и париска дестинација. Природно ни доаѓа да ја дискутираме можноста да го преземеме тој простор и да му дадеме втор живот.“

Во меѓувреме, тимот на Колет истакнува дека до декември, работата си продолжува по старо. „До последниот ден, ништо нема да се смени. Колет ќе продолжи да се обновува секоја недела со екслкузивни соработки и понуда.“

13 јули 2017 - 10:40